Како една мала земја од ЕУ стана производител број 1 на автомобили во светот?

 Приказната за 5 милиони луѓе и 1 милион возила

Во огромна фабрика, опкружена со планини покриени со снег, лифт ги спушта челичните каросерии на автомобили до почетокот на производствената линија. Тие штотуку се заварени, што е работа што ја извршуваат роботи, од кои дури 690 работат во оваа фабрика. После тоа, на сцената стапува „армија“ работници: луѓе во црвени панталони и бели кошули, кои ги претвораат тие челични школки во готови автомобили. Секоја минута, возило го напушта крајот на производствената линија, со кратко трепкање на фаровите.

Станува збор за европската фабрика на јужнокорејскиот производител на автомобили Киа, која се наоѓа во близина на градот Жилина, на север од Словачка. Според компанијата, оваа фабрика претставува инвестиција вредна 2,5 милијарди евра. Автомобили во Словачка произведуваат и Фолксваген, како и Стелантис (поранешни Пежо-Ситроен, Фиат и Крајслер), Јагуар Ленд Ровер, додека Волво планира да отвори фабрика за електрични автомобили во оваа земја во 2027 година.

Словачка, со население од 5,4 милиони, произведува речиси еден милион автомобили годишно, што значи дека произведува повеќе автомобили по глава на жител од која било друга земја во светот.

– Автомобилите се моја страст уште од детството. Сега сум дел од тим и учествувам во производство на автомобили – тоа е работа од соништата – вели 48-годишниот Марсел Пуцон, работник на производствената линија и еден од 3.700-те вработени во фабриката на Киа во Жилина.

Пред да се врати во родната Словачка, Марсел живеел и работел во Северна Ирска и Англија. 23-годишната Симона Крнова е исто така на делот од производствената линија каде што се вградува изолација во вратите. Студирала бизнис студии пред да почне да работи во фабрика. Ова, вели таа, не е нејзината работа од соништата, но има свои предности.

– Половина од моето семејство работи тука, па сакав да пробам. Ми се допаѓаат луѓето – вели Симона.

Нејзината плата е 1.300 евра месечно.

– Тоа е добро во споредба со другите компании – додава, забележувајќи дека заработката ќе расте со текот на времето.

Киа наведува дека просечната плата во оваа фабрика е 2.400 евра месечно. Ова е значително повисоко од просечната месечна плата во Словачка, која според официјалните податоци била 1.403 евра во 2023 година, но сепак е значително под просекот на Европската Унија, кој изнесува 3.417 евра. Симона вели дека е горда на фактот што Словачка произведува толку многу автомобили.

– Ми се допаѓа што ова производство придонесува за развојот на нашето општество – истакнува тој.

Речиси сите вработени во фабриката на Киа се Словаци. Корејското присуство е сведено на неколку десетици високи менаџери, кои живеат во специјално изградена, затворена заедница на периферијата на блиското село. Додека Словачка беше дел од Чехословачката Социјалистичка Република, автомобилите произведени тука беа, според западните стандарди, со лош квалитет, бучни, неефикасни и бавни. Сепак, кога беше ставен крај на комунистичкото владеење, Фолксваген почна да инвестира во чешкиот производител на автомобили Шкода во 1991 година, сè до 2000 година стана негов 100-процентен сопственик. Наскоро, други странски производители на автомобили почнаа да инвестираат во Чешка и Словачка, две земји создадени со распадот на Чехословачка во 1993 година.

Експертот за автомобилска индустрија, Петер Прокоп, наведува дека во тоа време трошоците за работна сила во Словачка биле само 20 проценти од оние во Германија. Прокоп, директор на „Give Management Consulting“ со седиште во Минхен, вели дека Словачка сè уште има значителна предност во трошоците денес.

– Од една страна, платите се уште пониски, би рекол околу 60 проценти од западноевропското ниво. Од друга страна, продуктивноста е висока, што ја прави земјата многу конкурентна – објаснува тој.

Најголемиот пазар – Велика Британија

Понатаму по производствената линија, машина што инсталира клима уреди во автомобилите пушта делови од музиката на Моцарт додека се движи напред, за да ги предупреди работниците да се засолнат. Многу од автомобилите се со волан од десната страна, во британски стил. Најголемиот пазар за автомобили произведени во оваа фабрика е Велика Британија, каде што Киа е моментално четвртиот најпродаван бренд, зад Фолксваген, БМВ и Форд. Следат Шпанија, Италија и Германија.

Извршниот директор на Киа Европа во заминување, Марк Хејдрих, истакнува дека автомобилската индустрија на Словачка, исто така, има корист од централната позиција на земјата во Европа.

– Словачка е навистина во срцето на Европа и добро поврзана со главните пазари – вели тој.

Високиот дел од енергијата со ниски јаглеродни емисии, од хидроелектрична до нуклеарна енергија, како и зголемената употреба на обновливи извори, значи дека електричните автомобили произведени во Словачка се подобни за повисоки владини субвенции кога се купуваат, како што е грантот за електрични возила на Велика Британија. Друга голема предност на Словачка е густата мрежа на добавувачи во автомобилската индустрија, дури 360 компании работат за овој сектор, пренесува Каматица рс.

– Базата на добавувачи е огромна и тоа е клучно – нагласува Хедрих.