Како ќе се одвива енергетскиот живот во земјава во следните 20 години?

43

Предлог Стратегијата за енергетика за периодот од 2020 до 2040 година, изработена од страна на Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој во МАНУ, денеска беше презентирана пред сите релевантни чинители во енергетското живеење во земјата, стои во соопштението.

Предлог стратегијата е изработена во соработка со консултантската куќа Прајсватерхаус Куперс (PwC), а во креирањето се консултирани сите релевантни државни институции, бизнис заедницата, невладини организации и други чинители, додека финансиски е поддржана со грант од Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

За време на јавната расправа Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека Стратегијата за енергетика е особено важен стратешки документ со кој се предвидува како ќе се одвива енергетскиот живот во Северна Македонија во наредните 20 години.

Стратегијата, според него, ја третира проблематиката на енергетската транзиција што е нов современ израз и значи транзиција од извори за производство на електрична енергија од загадувачка технологија, од јаглен и сите останати ресурси, полека да се премине кон обновливи извори на електрична енергија. Со новата стратегија се предвидуваат инвестиции во енергетскиот сектор во вкупна вредност од околу 17 милијарди евра.

Тој додаде дека секторот енергетика во една држава е важен бидејќи енергетиката се поврзува речиси со сите други индустрии во нашата државата.

Претседателот на МАНУ, академик д-р Таки Фити нагласи дека енергетиката е крвоток на економијата и е многу значајна за одржливост на економскиот раст на државата.

Фото: Pexels