Како ќе знаеме дали е хотелот чист по пандемијата?

359

Иако поголемиот дел од светот сè уште е во карантин од пандемијата на коронавирус, хотелскиот менаџмент во светот е во големи подготовки за враќање на работа. Еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат хотелите е враќањето на довербата на гостите дека нивните сместувачки капацитети се безбедни и чисти за употреба.

Пред пандемијата, малку луѓе размислуваа дека многу странци спијат во хотелските простории, дека луѓето со непознато здравје ги допираат копчињата, чешмите, далечинскиот управувач … Денес, ова е главната тема за која се размислува. Како хотелите ќе ги ублажат сомневањата на гостите за хигиената на местото?

Канцеларијата за туризам во Сингапур предложи иницијатива наречена SG Clean, којашто вклучува седум критериуми за чистота и безбедност, а кои сите нивни хотели треба да ги исполнуваат за да добијат сертификат за работење. Само оние хотели кои ќе се придржуваат кон строги протоколи за чистота и безбедност ќе добијат зелено светло од SG Clean.

Малезија, исто така, започна да спроведува слична програма наречена Clean & Safe Malysia, а која вклучува специјално следење на чистотата на хотелите во таа азиска земја. Важно е да се потенцира дека надзорот за чистотата ќе ја практикува трета страна, односно лица кои не се вработени во хотелот.

Многумина се прашуваат како ќе изгледа хотелското сместување по пандемијата на коронавирус. Експертите за туризам се согласуваат дека промените ќе бидат неопходни.

Превенцијата од зараза може да се постигне веднаш штом ќе влезете во хотелот со инсталирање на врата со автоматски сензор за отворање без да ја допирате рачката или кој било друг дел.
Хотелите можат да постават портири со заштитна опрема што ќе ги отвори вратите за гостите и ќе им понуди средство за дезинфекција пред да се упати кон рецепцијата.

Маските и заштитните ракавици веројатно ќе станат стандарден дел од хотелската униформа, додека шишињата за дезинфекција ќе бидат поставени на секој агол на хотелот. Просторите ќе се бришат со средства за дезинфекција по секој гостин – од справите за вежбање во хотелската сала до столовите во ресторанот.

Хотелите  би можеле да  мерат температура на гостите кога влегуваат во хотел за да ги намалат шансите за зараза. Повеќе внимание ќе се посвети на бесконтактно работење. Се очекува зголемување на услугите за најавување преку интернет, употреба на дигитални клучеви, мобилни плаќања и слични корисни апликации.

Некои хотели се подготвуваат да вклучат напредни технологии во нивниот бизнис, како што е ултравиолетовата светлина за да се елиминираат бактериите, вирусите и другите микроорганизми во собите.

Фото:Pexels