Како перфекционизмот може да ви ја уништи кариерата

1

perfekt

Фото: Pixabay

Основната карактеристика на перфекционизмот е тенденцијата сè да биде во согласност со високо поставени стандарди. За многу професионалци одржувањето на одредено ниво на перфекционизам е императив за добро завршена работа. Иако е важно да се концентрирате на квалитетно извршена работа, преголемата доза на перфекционизам може повеќе да ви наштети. Постојаната потреба за совршенство може и да ја уништи вашата кариера.

Не го користат времето мудро

Фокусирајќи се на секој детаљ во извршувањето на задачата може да ја попречи продуктивноста. Перфекционистот може да ги пробие роковите затоа што не е задоволен со тоа што е сработено. Тој е оној член во тимот кој гледа на сите ситници, што во некои случаи може да биде доблест, но исто така може да ја кочи работата на тимот бидејќи инсистира на достигнување на недостижното.

Не се флексибилни

Честопати успешните лидери треба да бидат флексибилни и брзо да одговорат и да најдат решение за настанатите проблеми. Ова може да биде тешко за перфекционистот. Желбата за совршенство ќе ја парализира потребата за брзо прилагодување на новонастаната ситуација. Успешните луѓе не се грижат за совршено решавање на проблемот, туку се обидуваат да најдат решение.

Лоши односи со вработените и колегите

Перфекционистот не само што бара совршенство кај себе туку и кај другите. Ова може да предизвика тензии во канцеларија бидејќи другите не можат да ги прифатат високите стандарди коишто ги наметнува перфекционистот или сметаат дека се непотребни. Шефот перфекционист може да креира многу напорна работна средина.

Не преземаат ризици

Перфекционистот поставува високи (често и нереални) стандарди и се стреми да биде најдобар во сè што прави, но желбата да се биде перфектен цело време може да се претвори во страв од неуспех, предизвикувајќи статус кво состојба. Луѓето си поставуваат високи цели, а ако работите не се одвиваат според планираното може да бидат разочарани, но продолжуваат да се движат.

Перфекционистот може да биде “парализиран“ од стравот да не биде во можност да ги исполни целите и затоа не презема поголеми ризици. Преферира да биде совршен во она што знае дека може да го постигне  наместо да преземе ризик што може да донесе неуспех. Оваа особина не е добра за претприемачите кои според природата на нивните професии мора да бидат подготвени да преземаат ризици.