
Иако Европската Унија се обидува да го забрза преминот кон циркуларна економија и да ја зголеми стапката на рециклирање, трговијата со суровини за рециклирање сè уште покажува голема зависност од меѓународниот пазар.
Минатата година, ЕУ увезе 49,7 милиони тони суровини за рециклирање и извезе 36,2 милиони тони во земји надвор од ЕУ, па разликата помеѓу увозот и извозот изнесуваше 13,5 милиони тони, според Евростат.
Во исто време, нето-обемот на увоз се зголеми за околу еден милион тони или 7,8 проценти на годишна основа.
Статистичарите забележуваат дека ЕУ е нето-увозник на рециклирачки суровини од почетокот на собирањето податоци во 2005 година, а најнискиот нето-обем на увоз е забележан во 2023 година, во износ од 1,07 милиони тони.
„И покрај ова неодамнешно зголемување, јазот во 2025 година е сè уште за 35,6 проценти помал од историски најголемиот јаз помеѓу обемот на увоз и извоз (21 милион тони), забележан во 2006 година“, се истакнува во соопштението.
Во 2025 година, ЕУ извезе 18,9 милиони тони метал, што претставува повеќе од половина или 52,1 процент од вкупниот извоз на суровини за рециклирање.
Втората најголема категорија, кога станува збор за извоз, беше хартија и картон со шест милиони тони или 16,5 проценти, по што следуваат органски материјали со 4,4 милиони тони или 12 проценти.
Кога станува збор за увоз, најголемата категорија се органските материјали со 30 милиони тони, што сочинува 60,3 проценти од вкупниот увоз на суровини за рециклирање. Потоа следуваат минерали со 8,3 милиони тони или 16,7 проценти и метали со 6,3 милиони тони или 12,7 проценти.
Споредбата на податоците за рециклирачки суровини и трговијата со отпад открива значителни разлики во изворите на материјали. Додека металите и хартијата или картонот се тргуваат речиси исклучиво како отпад, органските материјали се различни, тие првенствено се состојат од нуспроизводи. Во органската трговија, отпадот сочинува само мал дел, претставувајќи 1,8 проценти од извозот и 3,2 проценти од увозот.
Минатата година, Турција беше водечка дестинација за извоз на рециклирачки суровини од ЕУ, со количина од 12,8 милиони тони. Второто место го зазеде Индија со 3,9 милиони тони, по што следуваат Обединетото Кралство со 3,4 милиони тони, Египет со 1,9 милиони тони и Норвешка и Швајцарија со по 1,5 милиони тони.
Од друга страна, увозот на рециклирачки суровини во ЕУ беше главно од Бразил (11,2 милиони тони), Аргентина (8,7 милиони тони), Обединетото Кралство (4,4 милиони тони), Украина (четири милиони тони) и Соединетите Американски Држави (2,4 милиони тони).
Гореспоменатите трендови во трговијата со рециклирачки суровини потврдуваат дека ЕУ сè уште зависи од увозот на одредени материјали, особено органски суровини, а во исто време останува голем извозник на метали и хартија за рециклирање. Иако нето јазот помеѓу увозот и извозот повторно се зголеми, тој сè уште е значително помал отколку пред две децении, што укажува на постепени промени во европскиот систем на циркуларна економија и управување со ресурси.












