Како пропадна Thomas Cook?

57

Најстарата туристичка компанија, Thomas Cook, е една од најстарите британски компании основана во 1841 година. Успеала да преживее две светски војни, била пионер во туристички пакет – аранжмани и предводник на светскиот масовен туризам.

Под “капата“ на Thomas Cook има хотели, одморалишта и авиони што опслужуваат 19 милиони луѓе годишно во 16 земји во светот.

Менаџментот на компанија помина цела недела во обид да го спаси договорот со кинеската компанија Фосун, што е најголем акционер во компанијата, поради пакет помош во висина од 900 милиони британски фунти.

За финансиските проблеми со коишто се соочи, Thomas Cook ги наведува, меѓу другото, несигурната политичка ситуација во Турција, доцнење на резервации на аранжмани поради Брегзит, бранот енормно високи температури за време на летниот период и слично. Иако уште од март оваа година компанијата почна да затвора дел од својата продажна мрежа, за да ги намали трошоците, и понатаму биле отворени 500 продажни места.

Како знак дека компанијата се соочува со финансиски потешкотии беше престанокот на исплатата на дивиденда на инвеститорите од ноември минатата година. Но, во исто време, тамошните медиуми пишуваа дека во последните пет години, челните луѓе во компанијата земале бонуси во висина до 20 милиони фунти.

Во овој момент Thomas Cook има 600.000 туристи од целиот свет, најмногу од Германија, Велика Британија и Скандинавија, што бара координирана акција од британските власти.

Британската управа за цивилно воздухопловство објави дека Thomas Cook престана со работа и властите имаат авиони коишто ќе почнат да враќаат над 150.000 британски туристи дома во следните две недели. Сите летови на компанијата се откажани, а патниците се упатуваат за информации на интернет страната на компанијата.

Поради ликвидација на компанијата, се очекува 22.000 лица да останат без работа, од кои 9.000 е во Велика Британија.

Фото: Pixabay