Како се поднесува барање на субвенционирање на придонеси поради зголемување на плата?

294

Управата за јавни приходи (УЈП) ги објави насоките за поднесување на барање за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата.

Кој може да користи субвенционирање на придонесите?

Субвенционирање на придонеси може да користи обврзникот кој:

  • има статус на активен обврзник за пресметка и уплата на придонеси, односно не е во постапка на стечај или ликвидација или постапка на бришење согласно Законот за трговските друштва,
  • нема доспеани обврски по основ на бруто плата до денот на побарување на субвенционирање на придонеси,
  • за осигуреник кој бил во задолжително социјално осигурување кај тој работодавач во сите месеци од референтниот период.
  • за осигуреник за кој има зголемување на плата, утврдена како разлика меѓу пресметаната нето плата за месецот за кој се побарува субвенционирање на придонеси и референтната основна плата исплатена од обврзникот во референтниот период.

Кој не може да користи субвенционирање на придонесите?

Субвенционирање на придонеси не може да оствари:

  • орган на државна и на локална власт и други државни органи основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, институција која врши дејност од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Северна Македонија или од општините од градот Скопје, како и од општините во градот Скопје;
  • приватна агенција за вработување за осигуреник кој е отстапен кај работодавач од јавен сектор;
  • обврзник кој за осигуреникот користи ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и/или данок на личен доход согласно закон или друг основ, за период додека ја користи субвенцијата, односно ослободувањето;
  • обврзник кој за осигуреникот користи мерка за субвенција на плата преку Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, за периодот додека ја користи мерката, и
  • обврзник кој за осигуреникот за кој побарува субвенционирање на придонеси му е доделена финансиска поддршка за нови вработувања согласно Законот за финансиска поддршка на инвестиции.

Највисокиот износ за кој се одобрува субвенционирање на придонеси е зголемување на нето плата до 6.000 денари месечно по осигуреник, а најнизок износ за кој се одобрува субвенционирање на придонеси е зголемување на нето плата во износ од 600 денари месечно по осигуреник.

Начин на означување на лицето за кое се бара субвенционирање на придонеси

Во МПИН пресметката од страна на работодавачот, се означува вработеното лице за кое се бара субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, со внесување на шифра 404 во полето 3.23 од клиентскиот софтвер.

Субвенционирањето на придонесите за зголемувањето на платите започнува да се применува со исплата на платата за месец октомври 2019 година, а ќе се применува заклучно со 31.10.2022 година.

За оваа намена во Буџетот за 2020 година се обезбедени 2,4 милијарди денари и овие средства ќе се уплаќаат како придонеси во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување и во Агенцијата за вработување.

Директорката Лукаревска истакна дека УЈП и Министерството за труд и социјална политика водеа сметка работодавачите на наједноставен начин да можат да го искористат ова право, при што законските одредби и софтверското решение овозможуваат користење на субвенционирањето со самото поднесување на МПИН пресметката до Управата за јавни приходи.

“Барањето за субвенционирање на придонеси работодавачите го поднесуваат преку месечната пресметка за интегрирана наплата (образец МПИН), со внесување на ознака за лицето за кое побаруваат субвенционирање на придонесите по основ на зголемување на плата. Со внесување на шифрата, Управата за јавни приходи за конкретното лице (осигуреник) и за работодавачот, ја проверува исполнетоста на законските услови и во Декларацијата за прием дава известување до работодавачот”, рече Лукаревска.

Законот за субвенционирање на придонеси за раст на плати ќе се спроведува во следните три години и субвенциите може да се користат независно од висината на платата.