Како Виена се бори против летните горештини

53

Во главниот град на Австрија од ова лето е достапна мобилна апликација Cooles Wien, којашто го покажува патот до најблиското место за бегство од летните жештини. Апликацијата на карта им прикажува локации на корисниците каде се наоѓаат градски чешми, паркови, капалишта и многу други места за освежување.

“Сакаме во нашиот град сите да се чувствуваат удобно. Во новата апликација се означени сите места за разладување кои може бесплатно да се користат“, вели Ули Сима, член на совет за животна средина и иницијатор на овој проект.

Можности за освежување има многу. Виена има повеќе од 1.000 јавни чешми со питка вода, 50 мобилни чешми кои освен вода испуштаат и водена магла, над 1.000 паркови за уживање во ладовина, 75 столбови со функција на водена магла во парковите и 100 вакви столбови на хидранти, гумени цевки од кои прска водена магла, седум водени игралишта за деца…

Исто така, Виена има 63 километри бесплатни природни капалишта, а најпопуларно е дунавското, кое покрај многу зеленило нуди и песочна плажа каде има кафулиња, ресторани, велосипедска и пешачка патека.

Фото: wien.gv.at