Како “врвот“ на светот стана повеќемилионски бизнис?

Највисокиот планински врв во светот, Монт Еверест, за релативно кратко време, се претвори од “негостољубив ѕвер“ во исплатлив имот. Сиромашниот Непал обезбедува над 10% од бруто домашниот производ на земјата благодарение на метежот што се создава на врвот. Тука се вклучени и голем број бизнисмени и кои преку освојување на врвот се “брендираат“ и себе и својата компанија. Но, како што се зголемува интересот, така расте и бројот на смртни случаи при обидот да се влезе на листата на престижот.

За разлика од минатата година, кога Монт Еверест поради пандемијата имаше помал број на алпинисти, оваа пролет повторно има голем интерес. Минатата година, како што пишува Biznis i Finansije, Непал ја “заклучи“ планината да спречи ширење на пандемијата меѓу населението. Оваа година, властите избрале здравствениот ризик да го подредат на приходите од туризмот.

Бидејќи главната сезона трае од март до крајот на мај, кога времето се влошува, Непал на почетокот на годината одобри повеќе од 300 барања од сите страни на светот за искачување на врвот на планината. Услови за посетителите е да имаат негативен тест и да поминат одредено време во карантин.

Еверест во Непал стана повеќемилионска индустрија, која западниот свет ја поттикнува со опсесијата за нови возбудувања и престиж и во таа прилика, покрај калории, согоруваат и стотици илјади долари. Поранешната ледена пустина, сега на сите страни е со шишиња за кислород кои чинат најмалку 550 долари, илјадници килограм замрзнат измет, како и замрзнати околу 200 тела.

Во последните две децении, туристичкиот промет се зголеми за 10 пати и се реализирани повеќе од половина од 10.000 организирани посети досега. Само во 2019 година низ планината имало рекордни 876 алпинисти, оставајќи 11 мртви зад себе.

Од моментот кога новозеландскиот алпинисти и научник Едмонд Хилари и непалскиот шерпас Тензинг Норгај успеале да го освојат врвот во 1953 година, тој до 90-тите години бил резервиран само за алпинистички и научни тимот, со една дозвола за искачување по сезона. На почетокот на новиот милениум почнаа да се основаат фирми специјализирани за оваа тура, па бројот на алпинисти се искачи од 50 до 60 на повеќе од 500 годишно.

“Пакет“ за Еверест чини од 35.000 до 160.000 долари, а западните агенции наплаќаат во просек околу 70.000 долари. Во цената се вклучени сите надоместоци што ги наплаќа непалската влада: 11.000 долари за дозвола, 3.000 за офицер за врски кој го следи секое искачување, 2.500 за лекари, 4.000 долари за чистење на ѓубрето што зад себе го оставаат планинарите, како и надомест од 2.500 долари за оние кои сакаат да им биде забрзана административната процедура. Остатокот е за агенциите и водачите, а чистата заработка што им останува на организаторите е од 7.000 до 14.000 долари по алпинист.

Фото: Pexels