Каков потенцијал има зимскиот туризам во Македонија?

274

Шапка и Маврово се во фокусот и на тур оператори од Украина кои се во посета на земјава изминативе неколку дена. За време на информативното патување, 15-тина тур оператори од Украина посетија неколку зимски центри и се информираа за можностите за зимски туризам кои ги нуди Македонија.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски, со презентација на потенцијалите на туризмот во земјава и промоција на истите, синоќа во Маврово ја заокружи посетата на земјава на тур-операторите од Украина.

“По тур-операторите од Белорусија, во посета ни се тур оператори од Украина со цел да ја финишираат нивната идеа за носење на туристи во РС Македонија веќе од месец декември. За огромен успех го сметам отворањето на новата директна линија со која ќе се поврзат Киев и Скопје со два лета во теков на неделата од која очекувам зголемување на бројот на украински туристи во земјава. Ова е турболентно време во кое ние успеваме да отвориме нов пазар, а тоа за мене претставува огромен успех“,  изјави Јаневски.

Со презентација на можностите за развој на зимскиот туризам пред тур операторите од Украина, Јаневски ги истакна предностите на зимскиот туризам, со посебен акцент на слободното скијање и сноубординг, за кои аранжмани од пет до седум дена во зимските центри како Маврово и Шапка се идеални.