Какви цени нè очекуваат ова лето вo Црна Гора

180

Летната туристичка сезона во Црна Гора започна, иако срамежливо, но туристите веќе се на плажите. На македонските граѓани не им се поставени никакви услови при преминување на границата во однос на PCR тестирање, доказ за прележан Ковид-19 или потврда за вакцинација против коронавирус, што секако ќе биде плус за црногорските туристички власти за понатамошно привлекување туристи.

На почетокот на летната сезона, цените се како што најавија црногорските туристички претставници – пристојни и прилагодени на просечниот турист, пишува Телеграф.рс.

На пример, простран, убаво уреден апартман за четири лица во Доброта кај Котор чини 25 евра на ден во јуни.

Во Херцег Нови цените на становите за четири лица се движат од 30 до 50 евра, во зависност од близината на плажата, опремата на станот и големината.

Во Будва, трикреветен апартман со дополнително легло во јуни може да се изнајми за 35 евра, додека цената на луксузни апартмани е до 100 евра на ден.

Во Петровац цената на трикреветниот апартман во јуни е 30 евра и повеќе, додека во Сутоморе традиционално е пониска и се движи од 25 евра за убаво опремен трикреветен апартман. 

Во Бар и Улцињ, цените се различни. Апартман со четири кревети  посебна спална соба и кујна, опремен со нов мебел, клима уред и плазма телевизор може да се изнајми за 40 евра. Во цената е вклучено паркирање во дворот на вилата.

Цените на храната и пијалаците се во опсег од претходната година. Еспресото чини 1,20 евра во Сутоморе, 1,60 на плажата Жањице, 1,70 на Големата плажа во Улцињ и три евра во локалните кафулиња во Будва.

Лименка газиран пијалак чини 1,8 евра во Сутоморе, 2,20 евра во Петровац и три евра во Будва. Во зависност од ексклузивноста на ресторанот и цените растат. Цените на варените јадења се движат од три до седум евра по порција, а салатата од 1,5 до четири евра. Пицата на парче чини  едно евро во Сутоморе, до три евра во Будва, додека пицата во пицерија чини од шест до 12 евра.

Палачинка чини евро, колку што е кесичка пуканки. Колачите во слаткарниците чинат од две евра, а овошните миксови се двојно поскапи.

Фото: Pixabay