Какви се очекувањата на аналитичарите за ефектите на Ковид – 19 врз домашната економија?

46

Анкетата за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на реалниот бруто домашен производ (БДП) за периодот 2020 ‒ 2022 година, спроведена во март од страна на Народна банка, не упатува на позначителни промени во очекувањата за просечната стапка на инфлација, додека во однос на очекуваниот раст на БДП, Анкетата покажува надолни ревизии на очекувањата, приспособување коешто економските аналитичари главно го објаснуваат со ефектите од глобалната криза предизвикана од пандемијата на корона-вирусот, ковид-19, соопштуваат оттаму.

Во однос на инфлацијата, просечните очекувања за 2020 и 2021 година во основа се непроменети во однос на претходната анкета и упатуваат на просечна стапка од 1,6% во 2020 година, односно 2% за 2021 година, а инфлација од околу 2% се очекува и во 2022 година.

Во поглед на економската активност, во споредба со претходната анкета, анкетираните аналитичари очекуваат понизок реален раст на БДП во анкетираниот период. Тековно, анкетираните аналитичари очекуваат раст од 1,2% во 2020 година (надолна ревизија од два процентни поени) и раст од 2,4% во 2021 година (надолна ревизија од 1,1 процентен поен), додека во 2022 година се очекува умерено забрзување на стапката на раст на 2,9%.

Испитаниците ги поврзуваат ваквите очекувања со: глобалната криза од вирусот Ковид – 19, неизвесната странска побарувачка и нејзиното влијание врз домашната економија, намалувањето на домашната побарувачка, како и неизвесноста поврзана со парламентарните избори оваа година којашто би се одразила преку воздржаност на домашните инвеститори и пониска кредитна активност. Од друга страна, аналитичарите очекуваат дека преземените монетарни и фискални мерки, приемот во НАТО, отпочнувањето на преговорите за пристап во ЕУ, како и продолжувањето со капиталните проекти во патната и железничката инфраструктура ќе имаат позитивно влијание врз растот во наредниот период.

Фото: Pixabay