Камп на иновации – натпревар на средношколци во претприемнички идеи

128

На 15 март 2021 година се одржа завршната церемонија за доделување награди на најдобрите тимови на натпреварот Камп на иновации- натпревар на средношколци во претприемнички идеи. За време на церемонијата на присутните им се обратија: Коста Петров, директор на фонд за иновации и технолошки развој; Кејт Мари Брнз, Aмбасадор на САД во Република Северна Македонија и Мила Царовска, министерка за образование.

Организацијата Џуниор Ачивмент Македонија веќе три години организира ваков тип натпревари, како и голем број на обуки и работилници посветени на претприемничкото образование, финансиска писменост и подготвеност за работа на младите. Оваа и останатите активности, заради новонастаната ситуација се префрлени да се одржуваат онлајн.

Натпреварот беше поддржан од страна на Американската агенција за меѓународен развој и Фондот за иновации и технолошки развој, а се реализира од организацијата Џуниор Ачивмент Македонија – член на светската мрежа Junior Achievement Worldwide, основана 1919 г. денеска присутна во повеќе од 120 земји. Оваа мрежа ги спроведува програмите за претприемничко образование и финансиска писменост кои секоја година ги посетуваат повеќе од 10 милиони луѓе.

Натпреварот опфати 123 ученици од средните училишта од Битола, Велес, Виница, Гевгелија, Гостивар, Кочани, Охрид, Прилеп, Свети Николе, Скопје, Струмица и Штип, кои поделени во 16 тима од по околу осуммина ученици со помош на 16 бизнис волонтери од разни организации и институции за поддршка на претприемништвото одговорија на поставениот предизвик.

Овогодинешната задача, однoсно предизвик беше секој тим да осмисли производ или услуга што ќе придонесе кон подобра функционалност на домот, но и удобност и просторност, имајќи предвид дека години наназад, со трендот на изградба на помали станови во земјава, но и зголемен број на уреди за користење во домаќинството, луѓето се почесто размислуваат како да го уредат функционално нивниот простор за живеење, а веќе постојат и одредени примери на намалување на димензиите на апаратите за домаќинство, комбинирање на уреди, мултифункционален мебел и слично. Значи, преку конкретни и иновативни решенија секој од тимовите требаше да објасни на кој начин ќе произведува или ќе ја нуди услугата, со цел истата да биде примамлива и финансиски исплатлива инвестиција за секое домаќинство.

Тие со помош на своите “бизнис волонтери“ одговорија на предизвикот и притоа, применувајќи “претприемачки“ вештини како што се тимска работа, презентациски вештини, изготвување бизнис план и сл. дојдоа до 16 иновативни решенија. Тие преку пристап до интернет и тимска работа  го искористија своето знаење и разбирање за задачата и применувајќи претприемнички вештини најдоа соодветни  иновативни одговори,  кои на 3 од нив (тима) им донесоа и награда.

На 09 и 10 март, 16-те тимови ги презентираа своите идеи и бизнис планови, кои ги оценуваше жири комисија составена од претставник од Комисијата за хартии од вредност, од Економскиот Институт, од Бирото за развој на образованието, од Конект и од Центарот за управување со југозападиот регион. Оценувањето се вршеше по секоја презентација и врз основа на секој од наведените критериуми (квалитет на бизнис планот 30%, иновативност/креативност на идејата 30%, квалитет на презентацијата 30% и тимски дух и соработка на членовите на тимот 10%), се доделуваше оценка во опсег од 1 до 10 за секој тим поединечно.

На церемонијата одржана на 15 март, а по претходна едногласна одлука на жири комисијата се прогласија победниците и тоа:

– Трето место за тимот од Гимназија Раде Јовчевски Корчагин Скопје со својот предлог производ Save space table
– Второ место за тимот од Гимназијата Никола Карев од Скопје за својот предлог  мулти-функционален производ IVY и
– Првото место за тимот од средното општинско училиште Кузман Јосифовски Питу од Прилеп за својот предлог производ MultiBox.

MultiBox е практично и интересно парче мебел, кој од една коцка може да се трансформира во столче, масичка и фиока за складирање. Мултифункционалната коцка е практично решение за секој мал простор и може да се собира според потребите на потрошувачите. Нејзините димензии овозможуваат и комбинирање на повеќе коцки.

За победниците, но и за сите останати ученици беа обезбедени соодветни награди, а останува и на секој од тимовите да му се посака својата иновативна идеја и производ и практично да ги реализираат.

Фото: Pexels