Кампања на EU-OSHA: Работодавачите и работниците заедно против стресот

25

1Денеска во Брисел, Европската агенција за безбедност и здравје при работа (EU-OSHA) ја започна двогодишната европска кампања Здрави работни места – управување со стресот.

Големите размери на стресот поврзан со работното место во Европа се застрашувачки. Најновата пан-европска анкета на EU-OSHA откри дека 51% од работниците сметаат дека стресот поврзан со работата е вообичаен на нивното работно место, а 4 од 10 работници мислат дека во нивната организација не се справуваат успешно со стресот. Меѓутоа, работодавачите и работниците заедно можат успешно да управуваат и да го спречат стресот поврзан со работата и психосоцијалните ризици. Кампањата Здрави работни места е насочена да им помогне на компаниите да го сторат токму тоа.

Комесарот на ЕУ за труд и социјални работи, Ласло Андор, грчкиот заменик министер за труд, социјална сигурност и социјална грижа, Василис Кегкероглу, претставник на грчкото претседателство со Советот на ЕУ и директорот на EU-OSHA, д-р Криста Седлачек ги повикаа европските претпријатија (приватни и јавни) да ја препознаат потребата за решавање на стресот поврзан со работата. На тој начин, тие ќе го заштитат здравјето на своите вработени и продуктивноста на своите организации.

“Стратешката рамка на ЕУ за здравјето и безбедноста при работа 2014-2020 ќе нагласува дека подобрата заштита на менталното здравје на работникот е клучен фактор за превенција на заболувањата поврзани со работата. Во рамката ќе бидат предложени низа активности, како што е споделување на добрите практики за поттикнување на менталното здравје при работа. Позитивната работна средина е важна не само за подолг работен век на работниците, туку и да им овозможи на работниците, откако ќе се пензионираат, и понатаму да останат во добро здравје. Уверен сум дека новата кампања на EU-OSHA за стресот и психосоцијалните ризици при работа значително ќе придонесат во остварувањето на оваа цел“, истакна комесарот Андор.

Според д-р Седлачек, стресот поврзан со работата е организациски проблем и потребно е истовремено да го решаваат и работодавачите и работниците кои работат заедно.

Целта на кампањата е да ја поттикне употребата на едноставни алатки кои ќе им помогнат на организациите ефикасно да управуваат со психосоцијалните ризици и на тој начин да ги истакнат позитивните ефекти.

Кампањата Здрави работни места – управување со стресот ќе трае две години, а ќе вклучи стотици организации од цела Европа, вклучувајќи низа активности како што се: обуки, конференции и работилници, конкурси за постери, филмови и фотографии, квизови, предлог шеми, рекламни кампањи и прес конференции.