Капацитетите кои нема да ги исполнат еколошките стандарди ќе бидат затворени

21

Рокот за добивање интегрирана еколошка дозвола до април 2014 година нема да биде пролонгиран. Ова го нагласи министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми.

На вчерашната прес-конференција во Владата, Адеми истакна дека компаниите имаат доволно време да се подготват за да ги имплементираат сите еколошки стандарди, а за непочитување на обврската ќе бидат санкционирани.

“Најголема и единствена казна за непочитување на Законот ќе биде затворање на инсталацијата. Законот е усвоен во 2005 година и од тогаш сите инсталации во Македонија знаеjа дека треба да аплицираат со конкретни оперативни планови да обезбедат А интегрирана дозвола и до април 2014 сите оперативни планови да ги имплементираат”, рече Адеми.

Министерот додаде дека во Министерството досега аплицирале 135 компании за А и Б интегрирани дозволи. Издадени се 50 А интегрирани дозволи, а уште толку се во постапка, кои ќе ги добијат наскоро.

Минатата недела се одржа средба меѓу претставници на Владата и од компаниите, каде им беше укажано дека рокот нема да се пролонгира.