Во последните пет години капиталните инвестиции во земјава, во просек, бележат раст од по 20% годишно, а од 2005 наваму досега забележале раст од 120%.
Во следната година проектираните капитални инвестиции во буџетот се за 217% поголеми од оние во 2005 година кога изнесувале 10,19 милијарди денари.
Капиталните инвестиции во Предлог-буџетот за 2014 година се проектирани на 22,5 милијарди денари, а заедно со буџетот на Агенцијата за државни патишта изнесува 32,3 милијарди денари.
Податоците по години покажуваат дека вкупните капитални инвестиции во 2010 изнесувале 15,33 милијарди денари, во 2011 година 17,71 милијарда, во 2012 биле 18,76 милијарди и оваа 24,5 милијарди денари. Гледано по години растот на капиталните инвестиции во 2010 година во однос на 2005 е 50%, во 2011 година 74% и во 2012 во однос на 2005 за 84%.
Во 2014 од вкупните капитални инвестиции во патната и железничката инфраструктура ќе се инвестираат 13,214 милијарди денари и во однос на 2005 година кога изнесувале 2,251 милијарда денари бележат зголемување од 487%. Годинава инвестициите во патната и железничката инфраструктура се во износ од 8,496 милијарди и во однос на 2005 година бележат зголемување од 277%. Лани инвестициите во патната и железничката инфраструктура биле 4,364 милијарди.
Зголемување има и кај капиталните инвестиции во образованието и тоа за над 200%. За следната година се предвидени средства во износ од 2,4 милијарди денари и во однос на 2005 година кога биле инвестирани 625 милиони денари бележи зголемување од 211%, а во однос на оваа година кога инесуваат 2,161 милијарда денари зголемувањето е за 245%. Инвестициите во 2012 во образованието изнесувале 1,017 милијарди денари.
Исто така, здравството е една од гранките каде раст на инвестициите во однос на 2005 година има за 98%. Следната година предвидени се средства во износ од 1,9 милијарди денари за изградба на јавни здравствени установи, меѓу кои Клиниката во Скопје и во Штип. Лани биле 2,370 милијарди, а годинава 2,167 милијарди денари.
Капиталните инвестиции вкупно следната година во однос на оваа бележат раст од 20%.