Катар ервејс со рекордна добивка пред Светското првенство во фудбал

30

Катар ервејс, една од најголемите авиокомпании на Блискиот Исток, објави дека нејзиниот профит во последната фискална година скокнал на 1,5 милијарди долари, што е највисок профит на таа државна компанија досега, подготвувајќи се за рекорден број патници поради на претстојното Светско првенство во фудбал.

Авиокомпанијата Катар ервејс го користи новиот аеродром во Доха, на источниот брег на земјата, каде во ноември и декември годинава првпат ќе се игра Светско првенство на тлото на земја од Блискиот Исток.

Катарската авиокомпанија тврди дека нејзиниот приход достигнал 14,4 милијарди долари, 78 отсто повеќе од минатата година.

Бројката на превезени патници изнесува 18,5 милиони или скок од 20 отсто.

Податоците се добри вести за компанијата, која забележа нето загуба од 4 1 милијарди долари во претходниот циклус поради пандемијата на коронавирус и приземјувањето на Ербас А380 и А330.

Компанијата беше поддржана од катарската влада со 3 милијарди долари за време на најлошите месеци од пандемијата за да продолжи да лета.

Сепак, Катар ервејс тврди дека сегашниот профит е резултат на одлуките донесени за време на пандемијата за проширување на мрежата на патнички и карго дестинации што ги опслужува компанијата, точната прогноза за закрепнување на пазарот по пандемијата и строгата контрола на трошоците.

Авиокомпанијата Катар ервејс лета до 140 градови речиси ширум светот.