Катастарот поставува ПОС терминали за поедноставна постапка

27

katastar-580x266-580x266

Агенцијата за катастар на недвижности ја поедноставува постапката за поднесување барање и плаќање надомест без провизија за користење на нејзините услуги преку буџетските корисници со поставување на ПОС терминали, јавува Миа.

Имплементацијата на ПОС терминалите започна со пилот општината Аеродром, во текот на месецов продолжува во сите скопски општини, а од први септември ќе бидат опфатени сите општини во Македонија.

Сите корисници кои имаат сметки во деловните банки како што се адвокатите, нотарите, проценителите, веќе имаат платежни картички и го користат виртуелниот ПОС терминал за плаќање на услугите кон Катастарот. Сите буџетски корисници, пак, како што се општините, агенциите, управите, министерствата досега надоместоците кои ги плаќаат до Катастарот ги плаќаа на фактура.

“Новината е тоа што Агенцијата за катастар на недвижности ќе испорача ПОС терминал до секој од буџетските корисници и граѓанинот ако досега мораше да дојде до општината да праша колку треба да плати надоместок за да може да се поднесе барањето, па да оди во  банка да го уплати износот со банкарска провизија и повторно да  се врати во општината да ја донесе уплатницата за да се поднесе барањето до Катастарот, сега тој чекор веќе го нема. Инвеститорот доаѓа, системот автоматски пресметува колку треба да се плати и со платежна картичка веднаш на лице место се врши плаќање и поднесување барање до Катастарот“, рече директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески на денешната прес-конференција.

Тој појасни дека  досега ако инвеститорот на новоизграден објект побараше од општината по електронски пат да поднесе барање за запишување на новоизградениот објект во катастарот, општината му правеше пресметка колку треба да плати за упис во катастарот при што тој мораше преку банка средствата да ги уплати на сметка на општината и да плати банкарска провизија, по што општината преку електронскиот шалтер предметот го доставуваше до катастарот. Катастарот, пак, на крајот на секој месец доставуваше фактури до секоја општина за сите трансакции во текот на месецот.