Катастрофите во првата половина на 2015 година однеле 18.000 животи и 37 милијарди долари

21

nepal

Економските загуби поврзани со природните катастрофи и катастрофи предизвикани од човекот, во првата половина од 2015 година изнесуваат 37,4 милијарди долари и се многу помали во однос на истиот период минатата година, кога изнесувале 59 милијарди долари, проценува швајцарскиот реосигурител Swiss Re. Глобалната осигурителна индустрија покрила скоро 45% од нив или 16,5 милијарди долари.

Бројката опфаќа осигурани и неосигурани загуби.

На природни катастрофи, како земјотресот во Непал, отпаѓаат 33 милијарди долари, што е значително помалку во споредба со истиот период лани, кога тој износ бил 54,1 милијарди долари. Од оваа сума, осигурани биле 12,9 милијарди долари.

Економските трошоци од катастрофите се помали, но данокот во човечки жртви е поголем. Во првата половина од оваа година, катастрофите однеле околу 18.000 човечки животи, од кои скоро половина во земјотресот во Непал. Големите горештини во Индија и Пакистан во мај и јуни однесоа околу 5.000 животи, а значаен фактор во зголемувањето на бројот на жртвите е големиот број на бегалци и мигранти кои пауваат преку Средоземното море во потрага по подобар живот во Европа. Во првата половина минатата година, поради катастрофи животите ги загубиле 4.800 луѓе.

Осигурителните куќи традиционално најголеми загуби бележат во богатите земји. Најскапи катастрофи за овој сектор во првата половина од годинава се поврзани со острата зима и невремето во САД и Европа. Зимската бура што во февруари го зафати источниот брег на САД, на осигурителите им направи 1,8 милијарди долари загуба.

Фото: Ројтерс/Навеш Читракар