КБ Прво пензиско друштво АД Скопје почна со достава на годишните извештаи за 2015 година за пензиска заштеда

28

kb

Прво пензиско друштво АД Скопје почна со достава на годишните извештаи за 2015 година за пензиска заштеда на индивидуални сметки на членовите во КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје и годишните извештаи за пензиска заштеда на доброволните индивидуални/професионални сметки на членовите во КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд – Скопје.

Согласно измените на подзаконската регулатива, годишните извештаи за пензиска заштеда треба да бидат доставени до членовите на приватните пензиски фондови најдоцна до 31.3.2016 година. КБ Прво пензиско друштво АД Скопје доставата ќе ја изврши во неколку етапи во рамки на утврдените рокови.

Годишните извештаи за пензиска заштеда ќе бидат доставени до членовите на пензиските фондови во Зелен плик. Ова со цел извештаите за пензиска заштеда да бидат што полесно и помасовно препознаени од крајните корисници.

 II пензиски столб

Вкупно ќе бидат доставени 198.402 писма на домашна адреса до членовите на задолжителниот пензиски фонд.

Минатата 2015 година беше навистина успешна година за пензиските фондови со кои управува КБ Прво пензиско друштво АД Скопје. Заклучно со 31.12.2015 година, КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје има вкупни заштеди на членовите во висина од над 347 милиони евра. Добивката на Фондот за минатата година изнесува речиси 17,6 милиони евра. Оваа добивка директно се распредели на сметките на членовите.

Во 2015 година, КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје имаше инвестиции согласно својата Инвестициона тактика и стратегија. Па така, заклучно крајот на годината, речиси 62% од средствата беа инвестирани во државни обврзници, над 29% во странски акции преку индексни фондови, 5% во депозити и околу 2,15% во македонски акции.

III пензиски столб

Третиот пензиски столб функционира повеќе од 6 години, а во системот на доброволното капитално финансирано пензиско осигурување има 21.744 членови. Таа бројка е добра и од година во година сè повеќе се зголемува. Третиот пензиски столб е доброволен и претставува одлична опција за повисока пензија. Она што нас нè радува е фактот дека интересот за овој тип на штедење е во голем подем и уплатите односно заштедите од година во година сè повеќе се зголемуваат. Во КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд – Скопје има вкупни заштеди од речиси 6,5 милиони евра заклучно со 31.12.2015 година. Во рамки на овој Фонд, во 2015 година имаше пораст на уплатите од над 34% во однос на 2014 година. Тоа значи дека интересот за овој тип на штедење е сè поголем.