Ќе купуваме ли поскапа храна?

45

Кризата предизвиканата од Ковид-19 ја зголеми цената на пченицата која претходно се движеше од 11 до 13 денари за килограм, а сега е меѓу 14 и 15 денари со тенденција и натаму да бележи раст. Но, ова не се случува само кај нас, туку е тренд секаде во светот. Ќе јадеме ли поскап леб? Ќе купуваме ли поскапа храна?

Ова се прашањата кои се отвораат токму сега кога треба да се заокружи 2020 година и кога, сè уште и по 10 изминати месеци, ништо не е извесно околу пандемијата – до кога ќе трае и колку “разорно“ ќе влијае врз стопанството, анализираат од Организацијата на потрошувачи на Македонија во електронскиот ЗИП магазин.

Во текот на здравствено-економската криза предизвикана од Ковид-19, работата на земјоделско-прехранбениот сектор беше само забавена поради новите правила за ограничување на движењето како одговор на пандемијата. Најголемите предизвици со кои се соочуваше земјоделско-прехранбениот сектор се однесуваа на организација и логистика на увозот и извозот на своите производи, како и на организација на тековните земјоделски и производствени процеси кај претпријатијата поради ограниченото работно време и движењето.

Вкупно 50,98% од претпријатијата се сочуваат со откажување /одложување на веќе склучени нарачки, што укажува дека коронавирусот има големо влијание. Загубите на земјоделско-прехранбениот сектор во првиот квартал од 2020 година, во споредба со првиот квартал од 2019 година, се проценети на околу 22 до 40%. Поради тоа, секторот во 2020 година очекува намалена профитабилност за 41 до 60 %.

Промени на цените кај прехранбените продукти како резултат на кризата со Ковид-19 не се очекуваат. Промени се можни само како резултат на пазарните движења, пред сè, во земјите на ЦЕФТА и ЕУ, велат од Стопанската комора на Македонија.

Цените во изминатиот период беа релативно стабилни, а тоа се должеше на редовното снабдување со суровина која и на европскиот пазар не претрпе ценовни измени, а кај одредени производи цените беа дури и намалени. Најкритичен сектор и натаму останува мелничко – пекарската индустрија. Во моментов се изедначени цените на пазарот на домашната пченица и увезеното српско брашно, со што се доведува во прашање ликвидноста на домашните мелници.

На светските брзи цената на тон пченица бележи зголемување и се движи меѓу 190 до 210 евра. Вообичаено, во овој период од годината изнесуваше околу 140 евра за тон. Раст бележи и цената на добиточното брашно. Намалувањето на потрошувачката, евидентирана во изминатиот период, и глобалната рецесија што им се заканува на повеќето земји во светот, ќе предизвикаат шок на пазарот со драстичен пад на цените на храната, се наведува во заедничкиот извештај на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Агенцијата за храна на Обединетите нации.

Утврдено е и дека во следните 10 години, растот на понудата ќе го надмине растот на побарувачката, предизвикувајќи реалните цени на повеќето производи да останат исти или дури и под нивното ниво. Според извештајот, во следните десет години светското производство на жито се очекува да се зголеми за околу 85%.

Фото: Freepik