Ќе се променат ли деловните патувања засекогаш?

55

Пандемијата што ја предизвика коронавирусот како да ги “збриша“ навиките што важеа во деловниот свет. Денес се работи од дома, се прилагодува работата на новиот начин на живот, во преден план се става сопственото и здравјето на другите луѓе, се бара поодговорно однесување на сите…

Ширењето на заразата на глобално ниво турна во колапс многу дејности, а меѓу најпогодените е туризмот. Оваа дејност добиваше свој импакт и од бизнис светот преку организирање на различни деловни патувања, кои сега изгледаат само спомен од блиското минато.

Додека компаниите преземаат мерки за да го заштитат здравјето на своите вработени, еден аналитичар смета дека “тие нема да преземат одговорност и ризик да ги испраќаат на деловни патувања“, пишува New York Times. Според весникот, деловните патувања би требало да се вратат на старите патеки за две до три години, што е многу подолго од претходните проценки.

Деловните патувања се околу 10% од сите патници што користат авиосообраќај, а според некои аналитичари половина од приходите на авиокомпаниите отпаѓаат на деловните патувања.

Освен авиокомпаниите, пред голем предизвик е ставен и хотелскиот бизнис. Добро е да се знае дека луѓето кои патуваат заради работа, генерираат околу 70% од глобалните приходи на некои од најпознатите ланци на хотели во светот.

На ред се компаниите коишто мора да се прилагодат на промените што им се наложени, да ги почитуваат мерките и да се грижат за здравјето на своите вработени, а деловните патувања можат да бидат заменети со видео конференции или да се почека нивно организирање во подобри времиња.

Фото: Freepik