Комисијата за хартии од вредност (КХВ) донесе решение со коешто Фруктал Мак доби одобрение за издавање на долгорочни хартии од вредност по пат на јавна понуда.
Станува збор за трета емисија од 783.000 обични акции, со минимална продажна вредност од 315 денари по акција. Емисијата се врши по пат на јавна понуда со цел да се зголеми капиталот на Друштвото и да се обезбедат средства за подмирување на обврските на Фруктал Мак.
Согласно Одлуката донесена на Собранието на акционери на Друштвото, при запишување и при распределба на запишаните акции ќе се применува моделот на давање приоритет на налози со повисока цена, поголема количина и порано време на внес на налогот.
Јавната понуда ќе се смета за успешна, доколку се запишат и уплатат најмалку 60% од понудените акции од третата емисија.