КХВ ги додели наградите за најдобар научно истражувачки труд и есеј

186

Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија (КХВ) ги врачи наградите за најдобар научно истражувачки труд и есеј за Конкурсот на тема “Влијанието и придобивките на приклучување кон евроатлантските организации врз работењето на пазарите на хартии од вредност“.

Силвија Јакимовска и Габриела Петровска се коавтори на најдобриот научно истражувачки труд и согласно објавените правила на Конкурсот, КХВ им додели парична награда во вредност од  30.000,00 денари, која им се  распределува рамномерно, a Марио Ѓорѓиев е автор на наградениот есеј и се стекна со право да учествува  на една обука по избор на добитникот – обука за инвестициони советници или обука за работа со хартии од вредност (во вредност до 25.000 денари).

Младите автори во своите трудови заклучуваат дека не постои друга поповолна алтернатива за развојните перспективи надвор од евроатлантскиот интеграциски процес. Според нив, потребно е формирање на платформа која би ја зголемила интеграцијата и функционирањето на берзите, меѓутоа неопходно е да се поттикне и развојот на примарниот пазар на капитал. Во рамки на презентацијата на трудовите беше потенцирано дека инвестирањето во знаењето е клучен фактор за развојот, поконкретно едуцирањето на управувачката структура на деловните субјекти и целокупното население за придобивките кои ги нудат единствено пазарите на хартии од вредност.

Ова е прв Конкурс за најдобар научно истражувачки труд/есеј  на тема од областа на пазарот на хартии од вредност, што воопшто го распишала Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија.