КХВ го одобри барањето на Стопанска банка Битола да издаде корпоративни обврзници

29

khv

Комисијата за хартии од вредност (КХВ) го одобри барањето на Стопанска банка Битола за издавање на прва емисија на корпоративни обврзници по пат на јавна понуда.

“Станува збор за 5.000.000 долгорочни должнички хартии од вредност со поединечна минимална продажна цена од едно евро во денарска противвредност на денот на уплатата. Обврзницата што се издава е долгорочна со каматен принос, неограничено пренослива, во нематеријален облик и гласи на име. Вредноста на емисијата на обврзниците коишто се предмет на јавната понуда е 5.000.000 евра и претставува 26,30% од основната главнина на банката“, стои во соопштението на КХВ.

Обврзниците ќе бидат јавно понудени преку Македонска берза, согласно моделот за одредување на минимална цена, при што приоритет ќе се дава на налози со повисока цена, поголема количина и порано време на внес на налогот.

Емисијата на обврзниците, како што се наведува, е заради зајакнување на капиталот и вкупниот финансиски потенцијал на банката.