КХВ: Илирика Инвестментс доби дозвола за прием на налози за тргување со хартии од вредност на странски пазари

31

khv

Илирика Инвестменст доби дозвола, од страна на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), да врши прием на пренос на налози за купување и продавање на хартии од вредност на странски пазари на хартии од вредност.

“Тоа значи дека со оваа нова услуга, Илирика Инвестментс АД Скопје ќе може да се приклучи на регионалната платформа за тргување со хартии од вредност котирани на Бугарската, Загрепската и на Македонската берза. Илирика Инвестментс АД Скопје, согласно Законот за хартии од вредност, во секое време мора да поседува и да одржува основна главнина во износ од 75.000 евра во денарска противвредност“, стои во соопштението на КХВ.

Инаку, брокерската куќа Илирика Инвестментс АД Скопје е втора од десетте членки на Македонската берза којашто ги исполни условите за да се приклучи на платформата што се очекува да профункционира на 29-ти март 2016 година. Претходно, ваква дозвола од КХВ доби Дирекцијата за услуги со хартии од вредност при Еуростандард Банка АД Скопје.

Со регионалната платформа СЕЕ Линк, за прв пат македонските граѓани ќе може непосредно да тргуваат со акции и обврзници на странски берзи, a брокерите ќе имаат поефикасен пазарен пристап. На седницата што се одржа на 15-ти март, 2016 година, Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија издаде две дозволи за инвестициски советници.