КХВ: Нов отворен инвестициски фонд на пазарот на капитал              

27

Фото: Pixabay

Комисијата за хартии од вредност (КХВ) на 25-та седница на Друштвото за управување со инвестициски фондови ВФП Фонд Менаџмент АД Скопје му даде одобрение за организирање на нов Отворен инвестициски фонд Граве Глобал, стои во соопштението.

Според инвестициската стратегија, Фондот содржи ризик што е повисок од оној кај паричните фондови или кај фондовите кои инвестираат исклучиво во обврзници, но е помалку ризичен од оние кои инвестираат единствено во акции на mid – cap, small – cap или старт – ап компании. Дел од средствата ќе бидат инвестирани само во UCITS фондовите управувани од Security KAG кои се дел од групацијата Grawe Group од Австрија. Покрај ова, портфолиото на Граве Глобал ќе го сочинуваат и акции и други финансиски инструменти. Како инвеститори на Граве Глобал може да се јават домашни и странски, правни и физички лица.

Друштвото за управување со инвестициски фондови ВФП Фонд Менаџмент АД Скопје веќе управува со три отворени инвестициски фонда и тоа: ВФП Кеш депозит о.ф; ВФП Премиум инвест и ВФП 100 % Бонд.

На седницата КХВ издаде две дозволи за работење на инвестициски советник.

Исто така, Комисијата усвои и три Предлог – Правилници (Правилник за начинот и постапката за вршење контрола и надзор, Правилник за измена и дополнување на Правилникот за содржината и начинот на водење на книгата на налози и Правилник за измена и дополнување на Правилникот за содржина на месечниот извештај за работењето на овластено правно лице со дозвола за работа со хартии од вредност) по што ги стави на јавна расправа.