КХВ: Одобрение за основање нов отворен инвестициски фонд КБ Публикум – МБИ 10

62

khv

Комисијата за хартии од вредност на Друштвото за управување со инвестициски фондови КБ Публикум АД Скопје му даде одобрение да основа нов отворен инвестициски фонд КБ Публикум – МБИ 10.

Според инвестициската стратегија, КБ Публикум – МБИ 10 првенствено е наменет за инвеститори кои сакаат своите средства да ги вложат на среден рок, односно на период подолг од една година. Како инвеститори на Фондот може да се јават домашни и странски институционални и индивидуални инвеститори на кои им е дозволено да вложуваат, согласно законската регулатива. Најголемо учество во имотот на фондот ќе имаат сопственичките хартии од вредност на домашните издавачи, односно ќе доминира изложеноста кон македонскиот пазар на капитал. Покрај ваквите вложувања, а заради ликвидност, дел од средствата на фондот ќе бидат вложени во краткорочни депозити во комерцијални банки во Македонија.

Друштвото ќе ги инвестира средствата на Фондот во следните видови финансиски инструменти: акции на издавачи кои се составен дел на македонскиот берзански индекс МБИ 10; државни должнички хартии од вредност издадени од Република Македонија; депозити кај овластени банки од Република Македонија со рок на доспевање пократок од една година и отворени инвестициски фондови со најниско ниво на ризик кои вложуваат исклучиво во депозити и должнички хартии од вредност под услов да не наплаќаат трошоци за управување повисоки од 1% од нето вредноста на имотот на фондот.

По КБ Публикум – Балансиран, КБ Публикум – Обврзници, КБ Публикум – Паричен, КБ Публикум – МБИ 10 ќе биде четврти фонд со којшто управува Друштвото за управување со инвестициски фондови КБ Публикум АД Скопје.