КХВ поведе две прекршочни постапки

32

Комисијата за хартии од вредност (КХВ) на 58-мата седница, одлучи да поведе прекршочна постапка, односно да издаде прекршочен платен налог на лицето Тито Беличанец за сторено прекршување на член 173 став 1 од Законот за хартии од вредност, соопштуваат од КХВ.

“Попрецизно, лицето Тито Беличанец пред продажбата на акциите имал внатрешна информација дека Тетекс АД Тетово ќе престане со производство на тешка конфекција. Со ваквото постапување, односно со продажбата на акциите пред да биде објавена ценовно чувствителна информација која лицето Тито Беличанец како член на Одбор на директори ја знаел, од негова страна е извршено прекршување на Законот за хартии од вредност“, велат од КХВ.

Поради непочитување на членовите 55 и 56 од Законот за инвестициски фондови, КХВ одлучи да се поведе прекршочна постапка, односно да се издаде прекршочен платен налог за сторен прекршок на ДУИФ Илирика Фунд Менаџмент АД Скопје и на Главниот извршен директор, бидејки не побарале одобрение за рекламни материјали  коишто ги објавиле.

На седницата што се одржа на 11-ти овој месец, по завршена јавна расправа којашто траеше 30 календарски дена, во кои заинтересираните страни можеа да ги истакнуваат своите коментари,  КХВ усвои три подзаконски акти и тоа:

  • Правилник за формата и содржината на барањето, начинот, постапката и потребната документација за добивање дозвола за работење на друштво за управување со инвестициски фондови;
  • Правилник за формата, содржината и дополнителните информации кои треба да ги содржи барањето за издавање на дозвола за работење на брокерска куќа и
  • Правилник за документацијата која се поднесува кон барањето за добивање нa дозвола за работење на друштво за инветиционо советување.

Фото: Pexels