КХВ: Проширување на дозволата за работа со хартии од вредност на Инвестброкер

28

khv

Комисијата за хартии од вредност (КХВ) даде согласност на брокерската куќа Инвестброкер АД Скопје да ја прошири дозволата за работа со хартии од вредност со три нови услуги, стои во соопштението од КХВ.

Инвестброкер ќе може да врши прием и пренос на налози за купување и за продавање хартии од вредност на странски пазари, со што ќе може да се приклучи на регионалната платформа за тргување со хартии од вредност котирани на Бугарската, Загрепската и на Македонската берза. Тоа значи дека девет од десетте членки на Македонската берза ги исполнија условите за да учествуваат на регионалната платформа СЕЕ Линк.

Исто така, Инвестброкер ќе може да чува хартии од вредност што вклучува отворање и водење на сметки на хартии од вредност во свое име, а за сметка на нивните клиенти и други услуги со хартии од вредност по налог на клиентот, како и да врши дополнителни услуги за издавачите на хартии од вредност.

На седницата што се одржа на 28-ми јуни, 2016 година, Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија обнови една дозвола за работење на брокер.