КХВ: Цип Продукт презеде акции од Пелистерка

43

Понудата за преземање на акции од Друштвото за производство и трговија Пелистерка АД Скопје што ја даде Трговското друштво за вработување на инвалидни лица за производство и трговија Цип Продукт Скопје се утврди за успешна, соопштува Комисијата за хартии од вредност.

“Понудата за преземање била прифатена од вкупно 42 сопственици на обични акции со право на глас во Пелистерка АД Скопје кои поседуваат вкупно 10.975 обични акции што претставува 26,51% од вкупниот број на обични акции со право на глас,односно 21,87% од вкупниот број на сите издадени хартии од вредност на Пелистерка АД Скопје. Врз основа на оваа понуда, преземачот Цип Продукт Скопје се стекна со 10.975 обични акции, па заедно со акциите што веќе ги поседуваше има вкупно 35.316 обични акции што претставува учество од 85,3% од вкупниот број на обични акции, односно 70,38% од вкупниот број на акции издадени од Пелистерка АД Скопје. Преземањето на хартиите од вредност се изврши по цена од 2.100 денари по акција“, се вели во соопштението на КХВ.

КХВ на Акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давател на услуги во воздухопловна навигација М-НАВ АД Мралино, Илинден му даде одобрение да издаде втора емисија на акции по пат на приватна понуда. Станува збор за 71.202 обични акции во износ од 71.202.000 денари. Со овие средства кои се дел од добивката на М-НАВ АД Мралино, Владата на Република Македонија како единствен акционер ја зголемува основната главнина на друштвото. На седницата што се одржа на 05 ноември, 2015 година, Комисијата за хартии од вредност на РМ обнови две дозволи за работење на брокер и издаде една лиценца за инвестициски советник.