Kia со уште еден модел којшто Европа нема да го види

26

Откако беше откриено дека новата Kia Optima нема да пристигне во европските продажни салони, корејскиот производител потврди дека истата судбина е предвидена и за SUV Seltos, којшто светската премиера ја имаше минатото лето.

Kia нема да ја пласира новата Optima, односно K5 во Европа, одлука која би можела да се промени во иднина, но е малку веројатно поради далеку поголемата популарност на SUV и кросовер моделите. Сепак, ниту Seltos нема да се најде на продажба на стариот континент и покрај тоа што станува збор за SUV.

Според зборовите на Емилио Ерера, Seltos уште на стартот не бил замислен како возило коешто ќе се најде во понудата за европските купувачи.

“Seltos не е развиен за Европа“, изјави Ерера, потсетувајќи дека Kia на европскиот пазар веќе ги продава SUV моделите Stonic и Sportage, како и Sorento, а од неодамна и кросоверот Xceed, што значи дека Seltos, којшто во гамата е сместен помеѓу Soul и Sportage, покрај овие модели би бил непотребен.

Seltos се произведува во Јужна Кореа и Индија, а ќе се продава на голем број светски пазари, вклучително и Соединетите Американски Држави, каде ќе биде достапен во две погонски верзии, a конкуренција ќе му бидат модели како Nissan Rogue Sport, Jeep Compass и Ford EcoSport.

Послабиот, 2,0-литарскиот атмосферски бензинец произведува 150 КС, додека 1,6-литарскиот турбополнет агрегат испорачува 177 КС. Американците овој SUV ќе можат да го купат по почетна цена која изнесува нешто помалку од 22.000 долари.

Пристигнува и електрична верзија на Seltos

Kia, исто така, планира во текот на 2020 година да понуди и електрична верзија на Seltos. Стартот на производството на Seltos EV е планиран за август, но на почетокот овој новитет ќе биде достапен само во Јужна Кореjа. Поради тоа во 2020-та ќе бидат произведени помалку од 10.000 примероци на Seltos EV.

Seltos EV се води под кодната ознака SP2 EV и според тоа како што стојат работите во моментов, ќе има електромотор со 150 kW/204 КС, батерија од 64 kWh и автономија од околу 400 километри.

Преземено од Avtoplus.mk