Kickstarter: 9% од проектите не ги испорачуваат ветените награди

23

kickstarter-_logo_4269

Креаторите на 9% од проектите што се дел од глобалната платформа за групно финансирање, Kickstarter, не ги испорачуваат ветените награди на своите поддржувачи.

Ова го покажува независната анализа на Универзитетот Пенсилванија, што го спроведе професорот Итан Молик, кој е експерт за претприемништво и иновации. Во неговото истражување се опфатени околу 500.000 поддржувачи на различни проекти на Kickstarter.

Главното прашање во истражувањето на професорот Молик беше дали креаторите на проектите ги испорачуваат наградите што ги ветуваат на нивните поддржувачи, а не дали креативната работа е направена. На пример, доколку креаторот успешно го завршил финансирањето на својот филм преку Kickstarter, а поддржувачите не добијат DVD копија од филмот, проектот ќе се смета за “неуспешен“.

Освен тоа, анализата на професорот покажува и дека 8% од парите што се дадени се потрошени на неуспешни проекти, 7% од поддржувачите никогаш не успеале да ги добијат наградите, додека 65% од поддржувачите целосно се согласија со изјавата “наградата ќе биде испорача на време“.

Податоците од анализата покажуваат и дека стапката на неуспех во сите 15 категории е околу 9%, додека проектите што ќе соберат помалку од 1.000 долари најчесто не успеваат.

Околу 73% од испитаниците што учествуваа во истражувањето, кои веќе поддржале некој проект што пропаднал, велат дека повторно би финансирале некој друг проект на Kickstarter. Но, само 19% би поддржале проект на ист автор по втор пат.

Анализата на професорот покажа дека околу 15% до 20% од поддржувачите за неуспехот на проектот дознале од неговиот креатор, а околу 13% дознале за неуспехот на кампањата откако им биле рефундирани парите.