Кина е на работ на дефлација: Еве зошто општиот пад на цените е многу поопасен од инфлацијата

Стапката на инфлација во Кина во април беше само 0,2 отсто, што е за 0,1 процентен поен помалку од очекувањата на економистите. Со други зборови, потрошувачката и инвестициите во земјава сè уште се „заглавени“, поради што цените паѓаат, а сите групи потрошувачи се воздржуваат од потрошувачка во очекување на уште пониски цени.
Потрошувачките цени во кинеската индустрија паднаа за 4,6 отсто во мај, што е нивен најостар пад во последните седум години. По објавувањето на тие податоци, кинескиот јуан дополнително ослабна во однос на американскиот долар и е многу блиску до најниското ниво во изминатите пет години.

Кинеската економија се лади, наместо да се забрзува, а кинеските статистичари тоа го објаснуваат со генерално слабата побарувачка за стоки, суровини и индустриски производи на таа земја, пишува Тпортал.

Рударството и преработката на суровини предничат во однос на падот на цените, додека оние за храна, тутун и алкохол само благ растат. Економистите тврдат дека ризикот од дефлација е доста висок и ќе продолжи да лебди над економијата во наредните месеци.

Долгорочно, економистите се оптимисти за економскиот раст на Кина, како поради великодушните владини стимулации насочени кон реалниот сектор, така и поради моментално „мирната“ геополитичка ситуација во однос на Тајван.

Но, ако дефлацијата се вкорени, како што инфлацијата се вкорени на Запад, оптимистите би можеле брзо да го променат своето мислење. Имено, кога цените почнуваат да паѓаат, платите и инвестициите речиси секогаш паѓаат со нив, бидејќи сите се воздржуваат од трошење, очекувајќи дека цените ќе паднат уште повеќе.

Откако потрошувачката ќе падне, тешко е да се поттикне, па компаниите имаат проблеми со акумулираните залихи, опаѓа прометот, а кога прометот паѓа, отпуштаат работници, а со тоа падот на потрошувачката само се влошува и многу брзо се влегува во една маѓепсана спирала која влече целата економија во бездна.