Кина има повеќе “новопечени“ милијардери од САД

39

Во Кина има 182 нови милијардери, што е три пати повеќе од САД, каде што има 59 “новопечени“ милијардери, покажува Hurun Global Rich List, што го мери богатството на над 2.800 милијардери од 71 земја во светот.

И покрај забавување на економијата и трговската војна со САД, Кина ланската година ја заврши со 799 милијардери, што е повеќе од вкупниот број на милијардери во САД и Индија.  Светот лани добива 346 нови милијардери, па сега има вкупно 2.816 богаташи.

Во Кина живеат 799, додека во САД 626 милијардери, покажуваа податоците на извештајот. Исто така, се наведува дека 479 од нив се нови, додека 100 ја напуштиле листата бидејќи повеќе не се меѓу најбогатите луѓе во светот.

На чело на листата се најде американскиот претприемач и основач на Amazon; Џеф Безос со богатство од 140 милијарди долари. Меѓу кинеските милијардери, најбогат е основачот и поранешен претседател на Alibaba, Џек Ма, со богатство проценето на 45 милијарди долари. Во светски рамки, Ма е 21-от најбогат човек во светот.

Во однос на градовите во коишто живеат најмногу милијардери, Пекинг е на врвот на листата. Веќе пет години по ред овој кинески град го има приматот, а во него минатата година живееле 110 милијардери, што е за 12 повеќе одошто во Њујорк. Шангај го престигна Хонг Конг заземајќи го третото место по вкупен број на милијардери што живеат во тој град.

Фото: Pixabay