Кина продава резерви на нафта за да ги намали цените на пазарот

28

Кина почнува да продава дел од своите резерви на нафта, кои ги чува во стратешките резерви, во обид да ги намали пазарните цени, што е прв таков потег во историјата кога станува збор за земја која е најголем увозник на нафта во светот и вториот по големина потрошувач.

Државното биро за стокови и житни резерви најави продажба на сурова нафта од своите национални резерви. Кина има намера да продава нафта на рафинериски и петрохемиски компании.

“Ставањето на националните резерви на сурова нафта на пазарот преку отворена аукција подобро ќе ја стабилизира понудата и побарувачката на домашниот пазар и ефикасно ќе ја гарантира националната енергетска безбедност“, се вели во соопштението на канцеларијата.

Оттаму додаваат дека продажбата на резерви на нафта „ќе го намали притисокот врз производствените компании поради зголемените цени на суровините“. Цените на нафтата паднаа на најниско ниво во последните две недели откако Кина го објави својот план.

Кинеската влада не прецизира колку сурова нафта планираат да продадат на крајот, но акумулацијата на резервите е од големо значење за Кина. Земјата во голема мера се потпира на странска нафта за да ја зајакне својата економија и со години работи на зголемување на итните резерви на нафта.

Кина не објавува многу податоци за своите резерви на нафта, но во 2017 година објави дека воспоставила девет големи бази за резерви на нафта низ целата земја, со вкупен капацитет од 37,7 милиони тони. Државата, исто така, изјави дека сака да има 85 милиони тони нафта во итни резерви до крајот на 2020 година, што е речиси исто колку што имаат САД во своите стратешки резерви на нафта, најголемите резерви во светот.