Кинеската централна банка ја намали референтната каматна стапка за компаниите

68

Кинеската централна банка денеска ја намали едногодишната основна каматна стапка, која служи како репер за корпоративните кредити, од 3,55 на 3,45 отсто.
Петгодишната примарна каматна стапка, која служи како референца за хипотеките, во меѓувреме остана непроменета на 4,2 отсто, пренесува француската новинска агенција АФП.

Денешната одлука на централната банка има за цел да ги поттикне деловните банки да одобруваат повеќе кредити по поповолни каматни стапки.

Со вакви мерки, Пекинг сака да ја зајакне кинеската економија, која покажува знаци на заладување по закрепнувањето од пандемијата „Ковид-19“.

Едногодишната основна каматна стапка, која служи како репер за заемите на компаниите, падна на ново историски најниско ниво, додека петгодишната основна каматна стапка, која служи како референтна каматна стапка за хипотеките, исто така останува рекордна ниско ниво, според АФП.

Кинеската централна банка претходно во јуни ги намали и референтните каматни стапки, од 3,65 на 3,55 отсто и од 4,3 на 4,2 отсто.

Напорите на Кина се во спротивност со оние на САД и другите западни земји, кои беа принудени на серија зголемувања на каматните стапки додека ја намалуваат понудата на пари за да ја скротат инфлацијата, истакнува АФП.

Денешната одлука на кинеската централна банка не ги смири инвеститорите кои од кинеските власти бараат поконкретни мерки за стимулирање на економскиот раст.