Кинески BYD зема замав: Електричниот Han пристигнува во Европа

74

Електричниот автомобил BYD Han ќе пристигне на европскиот пазар со автономија од 450 километри и воопшто нема да биде евтин.

Кинескиот производител кон почетокот на месецот најави дека на купувачите во Европа ќе им понуди електричен SUV модел, но и низа комерцијални и товарни возила со погон на струја. Сега BYD претставува уште еден електричен автомобил, односно луксузна лимузина, која исто така планира да ја пласира на европскиот пазар. Станува збор за моделот BYD Han. Овој модел најпрво ќе се појави на матичниот пазар во јуни оваа година, а подоцна се очекува да пристигне во европските продажни салони. И покрај стереотипот и општото мислење кое преовладува кај европските потрошувачи, кинескиот BYD Han воопшто нема да биде евтин. Напротив, неговата цена ќе изнесува помеѓу 45.000 и 55.000 евра.

Од кинеската компанија напоменуваат дека Han е проектиран токму со цел да ги задоволи вкусовите на купувачите во Европа на кои им е потребна премиум лимузина од средната класа со електричен погон.

“Автомобилот во себе ги комбинира источната мудрост и европската естетика“, објаснуваат од кинеската компанија. Треба да се напомене и дека за дизајнот на BYD Han е задолжен Волфганг Егер кој своевремено работеше и во Audi и Alfa Romeo.

Се очекува BYD Han дополнително да добие и систем за полуавтономно возење DiPilot. Овој систем  опфаќа интелигентни технологии за помош на возачот и работи со помош на 5G технологија. Кога станува збор за димензиите, Han е долг 4.980 милиметри, широк 1.910, висок 1.495, а меѓуосовинското растојание изнесува 2.920 милиметри.

Производителот не изнесе голем број технички детали. Сепак, најави дека купувачите ќе можат да бираат меѓу верзии со еден или два електромотори. Автономијата во возењето со едно полнење ќе изнесува околу 450 километри. Han од нула до “стотка“ ќе стигнува за 3,9 секунди. Од BYD наведуваат 80 проценти од капацитетот на батеријата на брз полнач може да се наполни за околу 25 минути.

Продажбата во Кина започнува во јуни. За детали околу продажбата во Европа од BYD ќе објават дополнителни информации.

Преземено од Avtoplus.mk