Кинескиот извоз забележа најмал раст во последните две години

31

Растот на кинескиот извоз во април е најнизок за речиси две години, покажуваат денешните податоци на царинската служба, бидејќи повторното ширење на корона вирусот доведе до затворање на фабрики, ограничувања во сообраќајот и метеж во клучните пристаништа.
Податоците покажуваат и дека штетите растат во втората по големина светска економија, додека милиони луѓе се затворени во своите домови, особено во економскиот центар на Шангај, поради најголемото ширење на вирусот во Кина од почетокот на пандемијата.

Растот на извозот ослабе на 3,9 отсто во однос на април минатата година, соопшти Царинската управа, пренесе АФП.

Ова е подобар резултат отколку што очекуваа аналитичарите, но стапката на раст е најниска од јуни 2020 година.

Стапката на увоз во април е нула, додека растот на увозот во март изнесува 0,1 отсто. Кинеските купувачи сè уште не сакаат да потрошат повеќе пари под притисокот на рестрикциите кои се на сила низ целата земја.

Портпаролот на царината Ли Куивен рече дека сè уште има простор за пресврт и напредок во економијата и дека „позитивните основи“ не се променети.

Кина минатиот месец имаше трговски суфицит од 51,1 милијарди долари, покажуваат официјалните податоци.