Кинеските банки повторно ги намалија каматните стапки на депозитите во долари

55

Најголемите кинески државни банки ги намалија каматните стапки на депозитите во долари по втор пат во еден месец, според повеќе независни извори со директни сознанија за ова прашање. Кинеските власти ги презедоа овие мерки како дел од напорите да го запрат падот на јуанот.

Каматните стапки што ги нудат големите државни банки за повеќето депозити во долари сега се ограничени на 2,8 отсто од 4,3 отсто претходно, рекоа извори на Ројтерс кои сакаа да останат анонимни. Народната банка на Кина, која издава упатства до државните банки за депозитите во долари, не го коментираше ова прашање.

Трговците и аналитичарите велат дека креаторите на политиката во Кина се загрижени дека продолжената депрецијација на јуанот може да ги обесхрабри странските инвестиции и да ги поттикне одливите, поради што тие продолжија да ги намалуваат каматните стапки на депозитите во долари.

Јуанот е една од азиските валути со најлоши перформанси оваа година, откако ослабе за околу пет отсто во однос на доларот. Ова е последица на забавувањето на кинеската економија и зголемувањето на разликите во приносите со САД. Мерката за намалени каматни стапки на доларските депозити треба да спречи таложење на долари и да ги поттикне девизните порамнувања.

Пониските стапки би можеле да ги обесхрабрат домаќинствата во Кина да штедат долари со повисоки приноси, како и да ги охрабрат домашните бизниси, особено извозниците, да ги подмират девизните приходи во јуани. Новите стапки важат од 1 јули, а изворите наведуваат дека банките не нудат каматни стапки повисоки од 2,8 отсто ниту за големите депозити.