На Кинезите, Хрватска изгледа веќе не им е ветена земја. Во последните три години Кинезите ја напуштаат Хрватска и најчесто се враќаат во Кина или пак заминуваат во земјите од Европската унија, пишува Пословни дневник.
“Ја напуштаат Хрватска од ден во ден. Некои се враќаат во Кина, некои одат понатаму, во Чешка, Полска, па дури и во Америка”, вели за Пословни Вензи Чен, кој веќе 20 години живее во Загреб.
Бројот на кинески ресторани во Загреб е скоро преполовен, а ресторанот на Чен е еден од “преживеаните”. Според неговите зборови, од некогашни 17, сега работат само 10. А ни тие не работат добро. Причина за тоа е главно кризата. Со преполовен промет, Чен гледа спас во тоа што Хрватска станува се поатрактивна за гостите од Кина и Тајван, па во летните месеци, туристичките тури од татковината му го спасуваат бизнисот.
Иако во Хрватска официјално има 492 Кинези според последниот попис, неофицијално може да се слушне дека во оваа земја живеат околу 1.000 државјани на Кина.