Кластерско здружување за соработка и конкурентност на компаниите

24

Кластерското здружување поттикнува соработка и ја јакне конкурентноста на компаниите. Поголема и посилна мрежа е клучна конкурентска предност, особено во турбулентни економски времиња, пишува Миа.

Тоа се дел од пораките од учесниците на тркалезната маса на тема „Кластерите – алатка за зголемување на конкурентноста на македонските компании“, што се одржува во организација на Бизнис конфедерацијата на Македонија и Министерството за економија.

Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија, истакна дека е потребно поттикнување на кластерското здружување затоа што кластерот има алатки да ги здружи и промовира компаниите да настапат заедно, со што се зголемува конкурентноста.

“Има повеќе придобивки. Дури и самото вмрежување  на компаниите и откривањето  на можностите на услугите и производите се генерално придобивки. Кога  станува збор за подобрување на легислативата здружените компании во кластерите може да се изјаснат  и да влијаат во креирање политики бидејќи секако дека за водење бизнис се потребни разни политики кои може да го подобрат работењето“, изјави Бошков.

За поттик на кластерското здружување, покрај соодветна законска регулатива која е воспоставена, според Бошков, е важен начинот на функционирање, чисто и јасно дефинирање на заедничките цели и визии за подобра економија, раст, конкурентност и зголемување на обемот на производство.