KlickerBox – сервис за изнајмување детски играчки

253

klickerbox-facebook

Фото: Facebook

Зорана Томашевиќ од Србија, решавајќи го предизвикот со огромниот број детски играчки, го создава KlickerBox – сервис за изнајмување на детски играчки, пишува Екапија.

“’Планината’ од играчки во детската соба, порано или подоцна, не служи никому за ништо, освен да се сопнуваме… По препорака на логопед, решив да го пробам таканаречениот систем на ротација на играчки, односно да ги сокријам сите на моите ќерки да им оставам пет играчки на период од еден месец. И се случи чудо, моите деца забележаа дека имаат играчки. Почнаа да обрнуваат внимание и да пронаоѓаат нови начини да си играат со нив. По одредено време, овие пет играчки ги заменив со нови пет и за краток период забележав одлични резултати. Тогаш на интернет, за прв пат се сретнав со идејата за издавање на едукативни играчки, што веќе постои, и сфатив дека токму тоа ми е потребно“, вели Зорана Томашевиќ.

Родителите кои сакаат да се претплатат на услугите на KlickerBox треба да ја посетат нивната интернет страница и да пополнат контакт формулар со основни податоци, возраст на нивното дете и одредени детали, како што се неговите интереси и слично. На основа на тоа, стручен тим од психолошко советувалиште создава предлог што треба да го содржи кутијата со играчки. Во оваа кутија има четири различни играчки од светски и домашни производители, коишто се одбрани за да ги задоволат конкретните развојни потреби на детето.

Овој модел на изнајмување играчки е наменет за деца на возраст од девет месеци до четири години.

Основниот критериум за избор на играчките е да бидат едукативни и да може да ја поттикнат креативноста, но и способноста кај децата. Скоро сите играчки се направени од дрво, а има и такви од пластика којашто е квалитетна и проверена. Доколку детето премногу се врзе за одредена играчка, има можност да се купи по пониска цена во однос на малопродажната.