Климатската криза отвора простор за нуклеарната енергија

83

 Климатската криза отвора пазарна можност за технологии кои придонесуваат за намалување на емисиите на јаглерод, како што е нуклеарната енергија, со инвестиции од 23 трилиони долари до 2030 година, рече американскиот секретар за енергетика Џенифер Гранхолм, која повторно го стартуваше Партнерствотo за трансатлантска енергија и климатска соработка (P-TECC). Тоа е програма за чиста технологија финансирана од САД во Централна и Источна Европа.

Технологиите со ниско ниво на јаглерод отвораат пазарен потенцијал од 23 трилиони долари до крајот на оваа деценија и нудат „огромен потенцијал за земјите од двете страни на Атлантикот“, рече Гранхолм, според euractiv.com. Говорејќи на брифингот за печатот оваа недела, Гранхолм рече дека трансатлантскиот пазар „ќе отвори можности за започнување нови бизниси, нови индустрии, привлекување милијарди долари нови инвестиции и сигурно отворање милиони нови работни места“. Таа, исто така, изрази „силна поддршка на САД за иницијативата Три мориња“, која собира 12 земји од ЕУ: Австрија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Унгарија, Летонија, Литванија, Полска, Романија, Словачка и Словенија, лоцирани помеѓу Балтичко, Црното и Јадранското Море.

За Гранхолм, зајакнувањето на трансатлантската соработка во областа на чистата енергија станува се поитно поради климатските промени. Во Соединетите држави, програмата на Бајден за „build back better“ ја вклучува целта за производство на целата електрична енергија за Америка од „чисти извори“ до 2035 година, објасни таа, велејќи дека вклучува намалување на емисиите на СО2 за повеќе од 50 проценти до 2030 година и нивно намалување на нула до 2050 година. „Знам дека Европа работи на слични мерки“, рече таа, додавајќи дека САД разговараат за соработка со европските партнери во областа на нуклеарната енергија. Во октомври минатата година, Варшава и Вашингтон потпишаа 30-годишен договор за соработка во развојот на цивилната програма за нуклеарна енергија на Полска.

Варшава очекува првата нуклеарна централа да започне со работа во 2033 година. Се очекува да се инсталираат меѓу шест и девет гигавати нуклеарна енергија до 2043 година, со проценета цена од 4,66 милиони евра по мегават, а САД се обидуваат да ги добијат тие договори.

Во јули, американската компанија за нуклеарна енергија „Вестингхаус“ објави започнување на напредна студија за инженерство и дизајн на нуклеарната програма на Полска. „Ова е можност да помогнеме во задоволувањето на полските потреби за чиста енергија со американска технологија, а „Вестингхаус“ ќе го понуди својот нуклеарен реактор АП1000 за својот проект“, рече Гранхолм.

Соработката со земјите од Источна Европа не е ограничена само на нуклеарна енергија и опфаќа низа чисти технологии, од сончева и ветерна енергија, до геотермална и водородна и употреба на биомаса и батерии, рече таа. Гранхолм призна дека не секој во Европа ја сака нуклеарната енергија. „Но, јас ќе кажам дека во земјите што го сакаат тоа, не можеме да го игнорираме развојот на чисти, безбедни и сигурни извори на енергија“, рече таа.