
За една недела, автомобилската индустрија и ЕУ ќе седнат на маса за веројатно најважниот состанок, судбоносен, би рекле. Ќе има само една тема, ублажување на мерките на Европската Унија, според кои од 2035 година ќе можат да се продаваат само возила со нулта емисија на штетни гасови.
– Постигнувањето на строгите цели за CO2 за автомобили и лесни комерцијални возила во 2030 и 2035 година едноставно повеќе не е изводливо во денешниот свет – вели Ола Келениус, директор на Mercedes и здружението на автомобилската индустрија ACEA.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе се сретне со ACEA, Европската асоцијација на производители на автомобили, на 12 септември. Идејата на ACEA е дека електричните автомобили треба да бидат најважната опција, но мора да има простор и за plug-in хибриди, хибриди, електрични возила со мотори за продолжување на опсегот, високоефикасни мотори со внатрешно согорување, водород и декарбонизирани горива. ACEA има силен адут. Холандската статистичка агенција CBS објави нови податоци. Количината на честички од азотен оксид е сериозно намалена. CBS ги споредува моменталните податоци со 2005 година, што е исто така референтна вредност на ЕУ за споредување на емисиите. Таа година, холандскиот транспортен сектор испуштил 205 милиони килограми NOx честички. По последното мерење, вредноста е 78,5 милиони, што е сериозен пад. Азотните оксиди се гасови произведени со согорување на гориво во возилата, првенствено во дизел моторите.
Многу европски производители, од Фолксваген, Мерцедес, Волво до Опел, ги менуваат своите планови со воведувањето на возила. Послабата продажба на електрични автомобили принуди многумина да го прошират производството на возила со мотори со внатрешно согорување, пишува ревија ХАК.











