Кои беа најтргувани акции на Македонска берза во декември?

210

makedonska-berza

Акциите на Комерцијална банка, НЛБ Банка, Алкалоид, Охридска банка и Фершпед се топ пет најтргувани хартии од вредност на официјалниот пазар на Македонска берза во декември, покажува Месечниот статистички билтен.

На прво место се акциите на Комерцијална банка со 182 трансакции или 31,33% учество во вкупниот промет на официјалниот пазар. Зад нив се хартиите од вредност на НЛБ Банка со реализирани 40 трансакции или 12,97% учество во прометот. Трети најтргувани со 139 трансакции се оние на фармацевтската компанија Алкалоид.

Најголем пораст во декември забележаа акциите на: ФЗЦ 11 Октомври Куманово (25,44%), РЖ Услуги Скопје (11,79%), Макстил (9,98%), Бетон Скопје (8,42%) и Тетекс од Тетово (8,19%).

Од друга страна, најголем пад имаа овие акции: Макошпед Скопје (-12,4%), Арцелормиттал Скопје (ХРМ) (-8%), Пекабеско (-6,90%), Скопски пазар (-5,90%) и Арцелормиттал Скопје (ЦРМ) (-4,44%).

Пазарната капитализација во декември лани достигна вредност од 136.338.756.413 денари, што е за 0,48% во однос на претходниот месец. Прометот се позиционираше на 276.382.199 денари или намалување од 63,43% во однос на ноември 2017 година. Пад од 11,19% има кај вкупниот број на трансакции (968). Индексот МБИ 10 достигна 2.538,86 поени, што е пад од 0,18%.