Кои централни банки се тајни купувачи на огромни количини злато?

84

Централните банки купија рекордно количество злато минатиот квартал бидејќи ги диверзифицираа девизните резерви, при што голем дел од него го купија сè уште непознати купувачи.

Централните банки собрале речиси 400 тони злато во третиот квартал, што е над четири пати повеќе во споредба со истиот период во 2021 година, покажуваат податоците на Светскиот совет за злато (World Gold Council – WGC). Тие набавки го зголемија вкупниот износ досега годинава на највисоко ниво од 1967 година, кога доларот сè уште беше поддржан од благородниот метал.

Инфлацијата ги расипува плановите

Цените на златото годинава беа под притисок поради агресивните зголемувања на каматните стапки во САД, бидејќи Федералните резерви (ФЕД) се справуваат со зголемена инфлација, што ги натера инвеститорите во фондовите со кои се тргува на берзата да го продаваат ова средство што не носи принос. Но поддршката дојде од други области, како што се купувачите на мало во Азија и централните банки.

Централните банки, вклучувајќи ги и оние на Турција и Катар, неодамна купија злато, а меѓу набавките се и непријавени купувања од институции – за што од WGC посочија дека иако не е невообичаено, сепак претставува значајна сума. Не сите земји редовно ги пријавуваат своите купувања на злато, вклучувајќи и некои големи економии, како Кина и Русија.

„Не сите официјални институции јавно ги пријавуваат своите резерви на злато, а тоа може да го сторат и со задоцнување“, се вели во кварталниот извештај на WGC објавен во вторникот. „Не можеме да исклучиме дека и во наредниот период ќе има непријавени набавки“, се додава во него.

Советот очекува годинава да опаднат вкупните вложувања во злато, бидејќи пониските берзански фондoви (ETF) и послабата побарувачка надвор од берзата го неутрализираат силното купување на мало.