Банко – осигурувањето како услуга примарно овозможува управување со кредитниот ризик на осигуреникот. Тоа претставува поврзување на банка и осигурителна компанија во насока на заедничка продажба на комплементарни производи. Банко – осигурувањето во Македонија е еден од осигурителните продукти што најмногу влијае врз развојот на премијата од сите дистрибутивни канали. Банките тоа го дефинираат како поврзување на производ на банката со осигурителен производ на осигурително друштво.
Целата активност е во насока на заедничка продажба на комплементарни производи на финалниот потрошувач – клиентот. Сите компании за осигурување и банки треба да размислуваат за воведување на овој начин на продажба во своето работење. Но, за ова потребни се сериозни инвестиции, пред сѐ во информатичка технологија, телекомуникации и во врвни професионалци од двете индустрии. Имаме доволно стручен кадар, кој независно дали работи во банка или осигурителна компанија лесно може да се носи со предизвикот банко – осигурување.
Која е причината што банките влегоа во овој бизнис?
Осигурувањето е дел од финансискиот систем на државата и претставува комплементарна дејност на банкарското работење, насекаде во светот. Интензивната конкуренција меѓу банките, во услови на намалување на маржата на каматните стапки, доведе до зголемување на административните трошоци. Со ова се ограничи и профитната маржа за традиционалните банкарски услуги, што предизвика потреба од наоѓање на нови услуги. Поради значајни промени во преференциите на клиентите, банките мораа да најдат начин како да ги зголемат профитабилноста и продуктивноста. Така, нудењето на интегрирани финансиски услуги карактеристични за финансиски институции кои ги овозможуваат истите “под еден покрив“ стана реалност. Овој модел (познат под терминот банко – осигурување) за прв пат се појавува во 80-тите години на минатиот век во Франција. Банко – осигурувањето стана актуелно кога со законски решенија на банките им се овозможи ширење на пазарот на осигурување. Основните причини за експанзија на банко – осигурувањето се потребата да се создаде кредитно осигурување, како и профитот и конкуренцијата. Банко – осигурувањето во земјите членки на ЕУ зазема најголемо учество во вкупната продажба на осигурување, дури и над 30%.
Кои банки вршат работи на застапување во осигурување и кои се друштвата за осигурување за кои банката врши работи на застапување?
Прва од банките која го “намириса“ овој слободен простор беше Сосиете Женерал Охридска Банка АД Скопје, којашто во 2012 година започна да врши работи на застапување во осигурување, а партнер од осигурителните друштва ѝ е АД за осигурување Граве Скопје, коешто врши осигурување на живот и осигурување од последици на несреќен случај – незгода.
Потоа во 2015 година, НЛБ Банка АД Скопје започна да врши работи на застапување во осигурување, а партнер ѝ е Сава Осигурување АД Скопје, друштво коешто врши осигурување од последици на несреќен случај – незгода, здравствено осигурување, осигурување на моторни возила (каско), осигурување на шински возила (каско), осигурување на воздухоплови (каско), осигурување на пловни објекти (каско), осигурување на стока во превоз (карго), осигурување на имот од пожар и природни непогоди, други осигурувања на имот, осигурување од одговорност од употреба на моторни возила, осигурување од одговорност од употреба на воздухоплови, осигурување од одговорност од употреба на пловни објекти, општо осигурување од одговорност, осигурување од финансиски загуби и осигурување на туристичка помош.
Во делот на осигурување на живот партнер на НЛБ е Кроација Осигурување АД – Друштво за осигурување на живот, коешто врши осигурување на живот, осигурување од последици на несреќен случај-незгода и здравствено осигурување.
Шпаркасе Банка АД Скопје во 2015 година започна да врши работи на застапување во осигурување, а партнер од осигурителните друштва во делот на живот ѝ е акционерското друштво за осигурување Винер Лајф – Виена Иншуренс Груп Скопје, коешто врши осигурување на живот, осигурување од последици на несреќен случај – незгода и здравствено осигурување. Во останатиот дел на осигурување, партнер и е Акционерското друштво за осигурување Винер – Виена, Иншуренс Груп Скопје, за осигурување од одговорност од употреба на моторни возила и осигурувањето на моторни возила (каско).
Халк Банка АД стартот да врши работи на застапување во осигурувањето го имаше кон крајот на 2017 година и почеток на 2018 година, а партнер ѝ е Друштвото за осигурување Уника АД, Скопје и тоа во осигурувањето од последици на несреќен случај – незгода, осигурување на моторни возила (каско), осигурување на шински возила (каско), осигурување на воздухоплови (каско), осигурување на пловни објекти (каско), осигурување на стока во превоз (карго), осигурување на имот од пожар и природни непогоди, други осигурувања на имот, осигурување од одговорност од употреба на моторни возила, осигурување од одговорност од употреба на воздухоплови, осигурување од одговорност од употреба на пловни објекти, општо осигурување од одговорност, осигурување на кредити, осигурување иа гаранции, осигурување од финансиски загуби, осигурување на правна заштита, осигурување на туристичка помош. Партнер во осигурувањето на живот ѝ е Кроација Осигурување АД – Друштво за осигурување на живот, Скопје каде врши осигурување на живот, осигурување од последици на несреќен случај – незгода и здравствено осигурување.
Стопанска Банка АД Скопје стартуваше со застапување во осигурувањето кон средината на 2018 година, партнер ѝ е Кроација Осигурување АД – Друштво за неживотно осигурување Скопје, коешто врши осигурување од последици на несреќен случај – незгода, осигурување на моторни возила (каско), осигурување на шински возила (каско), осигурување на воздухоплови (каско), осигурување на пловни објекти (каско), осигурување на стока во превоз (карго), осигурување на имот од пожар и природни непогоди, други осигурувања на имот, осигурување од одговорност од употреба на моторни возила, осигурување од одговорност од употреба на воздухоплови, осигурување од одговорност од употреба на пловни објекти, општо осигурување од одговорност, осигурување на кредити, осигурување од финансиски загуби, осигурување на правна заштита, осигурување на туристичка помош. Во делот на животното осигурување партнер и е друштвото за животно осигурување Уника Лајф АД, Скопје Осигурување на живот.