Кои се 10-те највредни брендови во светот

54

Американскиот технолошки гигант Apple повторно е прогласен за највреден светски бренд на ранг листата Brand Finance Global 500 за 2021 година, после пет години откако ја изгуби титулата. Apple беше симнат од тронот од страна на компанијата за е – трговија Amazon.

Според новото рангирање, објавено на веб-страницата Brand Finance, вредноста на брендот Apple се зголеми за 87,4% на 263,4 милијарди долари, додека вредноста на второ рангираната марка Amazon се зголеми за 15,1%, на 254,1 милијарди долари. Меѓу првите 10 највредни брендови, дури седум се од САД, два се од Кина и еден е од Јужна Кореја.

На трето место од највредните глобални брендови е Google со проценета вредност од 191,2 милијарди долари, четврти е Microsoft (140,4 милијарди), а петти е јужнокорејскиот Samsung (102,6 милијарди долари).

По нив следува американскиот трговски ланец Walmart, чиј бренд вреди приближно 93,2 милијарди долари, Facebook со износ од 81,4 милијарди, нa осмото место е кинеската банка ICBC (72,8 милијарди), додека списокот на првите десет е заокружена од телекомуникациската компанија Verizon од САД (68,9 милијарди) и кинеската социјална мрежа WeChat (67,9 милијарди долари).

Како резултат на пандемијата, меѓу 10-те брендови со најбрз пад на вредноста, дури шест се од воздухопловниот сектор, а поради мерките за ограничување на патувањето и затворање на угостителските објекти, тонат брендовите од туризмот и угостителството.

Хотелите Marriott и патничката платформа Airbnb се одјавија од рангирањето, а Starbucks, Mc’Donald’s и KFC бележат пад на вредноста на брендот.

Фото: Pexels