Кои се луѓето кои стојат зад купувањето на Челзи?

130

Фудбалскиот клуб Челзи доби нови сопственици. Според медиумите од Островот, клубот се согласил на условите за продажба од 5,2 милијарди долари на конзорциумот предводен од Тод Боели.

Но, кои се клучните луѓе зад конзорциумот што го купува англискиот премиерлигаш? Би-би-си ни го открива тоа.

Тод Боели
Главен човек на конзорциумот е Тод Боели, сопственик на 20% од бејзбол тимот ЛА Доџерс, а воедно и косопственик на американскиот женски кошаркарски тим Лос Анџелес Спаркс.

Заедно со Марк Волтер има 27% удел во НБА франшизата Лос Анџелес Лејкерс.

Во 2015 година, ја основа Eldridge Industries, приватна холдинг компанија која инвестира во неколку индустрии. Преку оваа компанија има инвестирано во компании за животно осигурување, компании за недвижнини и технологија.

Во прехранбената индустрија, тој инвестираше во Aurify Brands – која поседува ланци на ресторани како што е Le Pain Quotidien – како и во американскиот бренд Chuck E. Cheese.

Тој е и привремен извршен директор на Холивудската асоцијација на странски новинари.

Клирлејк Капитал

Clearlake Capital е приватна компанија со седиште во Калифорнија која ќе поседува најголем дел од  акциите во Челзи.

Марк Волтер

Марк Волтер е извршен директор на Гугенхајм Партнерс, приватна компанија за глобални финансиски услуги со седиште во Њујорк и Чикаго. Гугенхајм Партнерс има повеќе од 310 милијарди долари (250 милијарди фунти) средства под управување.

Како и Боели, 61-годишниот Волтер е исто така косопственик на ЛА Доџерс и има удел во ЛА Лејкерс. Во 2012 година, тој беше прогласен за осма највлијателна личност во спортскиот бизнис од страна на Sports Business Journal.

Неговите лични инвестиции вклучуваат удел во производителот на растителна храна Beyond Meat и онлајн дилер на автомобили Carvane.

Тој и неговата сопруга поседуваат и засолниште за диви животни на Флорида, кое вклучува загрозени видови.

Хансјерг Вис

Швајцарскиот милијардер Хансјерг Вис има вредност од 5 милијарди долари, а своето богатство го заработил продавајќи го својот производител на медицински уреди Synthes на Џонсон и Џонсон во 2012 година.

Тој има удел во биотехнолошките компании Novocure и Molecular Partners.

Според Форбс, 86-годишниот Вис е „меѓу најдарежливите луѓе на светот“, тој го потпишал The Giving Pledge во 2013 година и затоа се согласил да донира поголем дел од своето богатство.

Има дадено големи донации за еколошки и научни цели, а средствата на неговите добротворни фондации изнесуваат речиси 2 милијарди долари.

Во 2014 година, тој вети 120 милиони долари на два швајцарски универзитети, Универзитетот во Цирих и ЕТХ Цирих, за да помогне во формирањето центар за забрзување на медицинските откритија.

Во конзорциумот што го купува Челзи се и американска извршна директорка за односи со јавноста, Барбара Шарон, британскиот бизнисмен Џонатан Голдстајн и британскиот новинар Даниел Финкелштајн.